Search
|     contact@ugd.edu.mk

17 успешни години на УГД

Споделете

Со Свечена академија како централен настан, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип ќе го одбележи Патронатот – годинава 17 години од основањето. Свечената академија ќе се одржи во Мултимедијалниот центар на УГД (Економски факултет), во среда, 27 март 2024 г., со почеток во 12 часот. Традиционално, внимание на овој настан им се посветува на студентите со најдобар успех, како и на институциите со кои УГД има одлична соработка и заеднички придонесува за развојот на нашето општество.

Во фокусот на годинашното одбележување на патрониот празник на УГД е прашањето – Што треба да значи еден универзитет за општеството во кое делува?

Универзитетите се суштински за развојот на општеството.

Како јавни институции имаат за цел не само да ги подготват студентите за кариерата која ќе ја изберат, туку пред сè да ги образуваат како граѓани со широк светоглед и знаења, подготвени да го градат идниот свет.

УГД е универзитет кој во своето 17-годишно постоење се стреми кон воведување и развој на нови технологии, учество во научноистражувачките текови на светско ниво, креирање иновации, пренос на знаење на студентите и грижа за вработените.

Младите кои во текот на овој временски период ни ја подарија својата доверба и станаа наши студенти се стекнаа со знаење и вештини кои им овозможуваат да бидат успешни во својата кариера, да креираат нови бизниси, да ги лекуваат болните, да произведуваат здрава храна, да го пренесуваат македонскиот јазик на идните генерации, да учителствуваат, да го менуваат општеството и да го унапредат животот на луѓето во него.

На Свечената академија, како мотивација за идни успеси, ќе бидат наградени 18 студенти со најдобар успех, дипломирани во 2023 година, со плакета и вредносен ваучер од 10.000 денари.

Воедно, ќе бидат доделени и плакети на истакнати институции во општеството, за поддршката и соработката што ја градиме, со цел квалитетно образование и работење на УГД.

Освен Свечената академија, во рамките на програмата за одбележување на Денот на УГД, на 28 март се планирани уште два настани. Во 11 часот, во свечената сала на Ректоратот ќе бидат доделени дипломите на докторите на науки, а во 19 часот, во Мултимедијалниот центар на УГД ќе се одржи уште едно издание на Ораторските вечери.