Search

УГД и ИНОВА ќе развиваат иновации и стартапи

Споделете

Универзитет „Гоце Делчев” – Штип заедно со останатите јавни универзитети на 3 април во Владата на РСМ официјално потпиша Договор за соработка со Агенцијата за иновации, технолошки развој и претприемништво ИНОВА.

Оваа иницијатива претставува платформа за поинтензивна соработка помеѓу државата и академијата, со цел поттикнување на конкурентноста на македонската економија и забрзување на преносот на знаење и технологија кон бизнис секторот. Оваа соработка ќе овозможи иницирање на нови научноистражувачки и стручно-апликативни проекти, поголем ангажман на професорите и истражувачите преку инвестирање во модерна научна инфраструктура и нејзино ставање во функција при трансфер на нови технологии.

Истовремено, фокусот на соработката е поддршка на академското претприемништвото и поголема вклученост на младите со цел градење на компетенции согласно со потребите на пазарот на труд.

Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев” – Штип, проф. д-р Дејан Мираковски, во своето излагање посочи дека Универзитетот е целосно подготвен да учествува во процесите за развивање на иновациски екосистем, максимално е посветен на зголемување на соработката со индустријата и бизнис-секторот и активно работи во насока на обезбедување системска поддршка на студентите во развивање на бизнис идеи и комерцијализација на иновации  преку основање на стартап компании.