Search
|     contact@ugd.edu.mk

Отворена Годишната изложба на студентите од Ликовната академија, ТТФ и ФПТН

Споделете

Во просториите на Ликовната академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ беше отворена Годишната изложба на студентите од Ликовната академија, Технолошко-техничкиот факултет и Факултетот за природни и технички науки – Катедра за дизајн на ентериер и мебел.

 – Со оваа изложба ги заокружуваме сите оние проекти кои се работат во текот на годината. Овде учествуваат два факултети и една академија. Технолошко-техничкиот факултет, каде што студентите прикажуваат дела кои се поврзани со дизајнот и технологијата на текстилот и на облеката, значи една област којашто е блиска до уметноста и дизајнот. Факултетот за природни и технички науки, Катедрата за дизајн на ентериер и мебел, каде што исто така студентите работат на проекти кои се поврзани со обликувањето на просторот и на тој начин се поврзуваме со Ликовната академија, каде што имаме две наставни програми – Класично сликарство и Вајарство, каде што изработените дела се авторски, инвентивни и дел од наставната програма на факултетот. Токму затоа и ги поврзуваме секоја година овие три целини на студенти за да можат тие интердисциплинарно да работат и проблематиката интерактивно помеѓу себе да ја разменуваат. Секако дека ова е акција и манифестација која се прави, пред сѐ, за студентите и треба да ги истакнеме сите оние вредности кои во текот на годината се постигнати, од различен аспект на сликарското дело, или за ентериер, или еден модел којшто се изработува. Добиваме еден резултат којшто во рамките на Универзитетот „Гоце Делчев“ покажува еден напредок и еден поинаков пристап со кој се трудиме секоја година да го обликуваме и да напредуваме во однос на она што значи инвентивност, уметност, дел од науката, сите тие елементи кои ги има еден современ универзитет – изјави деканот на Ликовната академија, проф. д-р Петар Намичев.

 

Оваа година за првпат изложбата е поместена во галеријата, во ателјеата на Ликовната академија, што според професорот Намичев се покажало многу продуктивно, затоа што покрај другото станува збор за простор во кој студентите најчесто се изразуваат.

Токму тој контекст на прикажување на делата во еден амбиент во кој се создавани, создава една поинаква слика, една енергија која студентите можат да ја разменуваат меѓу себе и што е цел на Универзитетот.