Мултимедијалниот буквар „Аз и Бука од планетата Азбука“ на проф. д-р Ана Витанова-Рингачева беше промовиран во Штип со Советување на тема „Учебниците чувари на македонското јазично книжевно творештво“.
– Овој буквар претставува своевидно одбележување на оваа година која е полна со јубилеи, сите знаеме дека одбележавме 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден литературен јазик, меѓутоа одбележуваме и 80 години од излегувањето на првиот Правопис на македонски јазик, 80 години од излегувањето на првото списание за деца на македонски јазик и секако 80 години од постоењето на „Просветно дело“ каде што започнува традицијата на учебникарството во Македонија на сите наставни јазици во воспитно-образовниот процес. Горди сме на сите овие јубилеи, меѓутоа претставува особена гордост, бидејќи се работеше во долг временски период и е прв интерактивен интегриран и мултимедијален буквар. Содржините во него освен што имаат за цел да ги описменат децата и да ја научат македонската азбука, содржините се интегрирани и со актуелната настана програма за доцната, предучилишна и рана училишна возраст и имаат креативни мултимедијални содржини, кои се аплицирани со кодови, со една единствена цел, децата да го слушаат правилниот говор и изговор на македонскиот мајчин јазик – изјави Ксенија Маказлиева-Трајчева, одговорен и креативен уредник во „Просветно дело“.
Проф. д-р Ана Витанов-Рингачева, авторка на букварот, потенцира дека идејата за ваква форма на буквар дошла од несекојдневно секојдневна ситуација, разговор со нејзиниот син.
– Приказната за идејата за овој мултимедијален буквар доаѓа од мојот помал син, на едно негово прашање – дали на другите планети дечињата знаат што е азбука, дали одат на училиште, дали ги учат буквите. На тоа прашање јас навистина не знаев да одговорам и така се роди приказната за две дечиња, принц и принцеза, јас си ги нареков Аз и Бука, од планетата Азбука, како доаѓаат на нашата планета, на први септември, сѐ со цел да видат дали дечињата ги знаат буквите, азбуките така како што ги знаат тие. Тоа беше првичната верзија на приказната, за да го задоволам љубопитството на мојот син, меѓутоа во разговор со креативниот уредник на „Просветно дело“, Ксенија Маказлиева, некако одлучивме дека ова би била добра основа за да се направи буквар кој би одговарал на потребите на новите генерации на ученици. Мораме да бидеме свесни дека овие нови генерации на ученици, во рана училишна и во училишна возраст сепак се деца на новото време, деца што растат во допир со најразлични аудиовизуелни содржини и дека ние нивните потреби не можеме да ги задоволиме само доколку им дадеме лист хартија со илустрации. Дефинитивно мора да смислиме начин на којшто тие преку некоја интерактивна приказна ќе влезат во светот на буквите и на описменувањето. Идејата беше приказните, случките кои на најубав начин ги напишале нашите познати македонски писатели да ги ставам во една заедничка приказна, меѓутоа истата приказна да ја раскажам преку кратки видеосодржини. Тоа се оние содржини кои децата со скенирање на Q-ar кодовите можат да ги најдат веднаш, да се поврзат на Јутјуб. На тој начин учењето станува покреативно, поживо, поинтересно, подинамично, и гледаме дека на тој начин децата немаат отпор кон учењето, туку им станува забавно – изјави авторката на мултимедијалниот буквар „Аз и Бука од планетата Азбука“, проф. д-р Ана Витанова-Рингачева од Катедрата за македонски јазик и култура на Филолошкиот факултет на УГД.
Рецензент на букварот е проф. д-р Снежана Мирасчиева од Факултетот за образовни науки, која кажа дека покрај јубилеите кои веќе се споменати, оваа промоција доаѓа и во очи на одбележувањето на 30 години високо образование за наставници и воспитувачи, односно 30 години од постоење на Педагошки факултет, сега Факултет за образовни науки.
– Овој буквар, всушност, е и потврда за соработката помеѓу двата факултета, тоа се Филолошкиот факултет и ФОН, затоа што учебникарската работа е занаетска, мајсторство, за тоа најмногу можеме да зборуваме ние од наставничките факултети. Гордост и чест ми е што го рецензирав овој буквар, затоа што на пазарот излезе еден нов тип на учебник, со кој ќе се донесе нешто ново, ќе се разбие монотонијата и ќе се поттикне интерес и љубов кон учењето – изјави проф. д-р Мирасчиева.