Search
|     contact@ugd.edu.mk

„Македонскиот јазик – минато, сегашност и иднина“ во чест на 80 години од кодификација на македонскиот јазик

Споделете

Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип продолжи со серијата настани за одбележување на 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик. Заедно со студентите беше организирана Работилница на тема „Македонскиот јазик – минато, сегашност и иднина“.

„Работилницата е втор настан што се одржува во рамките на Националната програма на Министерството за култура и туризам, по повод јубилејот 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик. Целиот месец мај, па и целата 2025 година е во знакот на одбележувањето на големиот јубилеј – 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик. Во таа смисла, во рамките на Националната програма којашто ја води Министерството за култура и туризам, ние како институција, како Филолошки факултет при УГД, организираме веќе втор настан во чест на тој јубилеј. Првиот беше Тркалезната маса на 14 мај, а сега станува збор за Работилница со студентите од Катедрата за македонски јазик и книжевност којашто ја води доц. д-р Марија Соколова“, изјави деканката на Филолошкиот факултет, проф. д-р Луси Караниколова-Чочоровска.

„Во Работилницата ’Македонскиот јазик – минато, сегашност, иднина’ учествуваат студентите од прва до четврта година од Катедрата за македонски јазик и книжевност. Работилницата е со научен, забавен, интерактивен, но и натпреварувачки карактер. Целта е да се види колкаво е познавањето на македонскиот јазик од страна на студентите, што повеќе да навлегуваат во водите на македонистиката, да се зголемуваат нивните знаења, а ние како професори сме тие коишто треба да ги поттикнуваме и насочуваме да истражуваат што повеќе во полето на јазикот, затоа што треба да им се зголемува нивната љубов кон мајчиниот јазик, кон нашиот македонски јазик, бидејќи тие се едни од идните афирматори на македонистиката“, рече доц. д-р Марија Соколова.