Search
|     contact@ugd.edu.mk

 16. издание на Туристичко-гастрономска изложба за алтернативни форми за развој на туризмот

Споделете

Традиционалната туристичко-гастрономска изложба на алтернативни форми за развој на туризмот, која ја организира Факултетот за туризам и бизнис логистика, го доживеа своето 16. издание.

Во традиционалниот амбиент на хотелот „Аполонија“ во Гевгелија, верен соработник на ФТБЛ, покрај гастрономската изложба на храна од регионот, се одржа и панел-дискусија на тема Развој на туризмот. Претставници на високото образование од УГД, заедно со претставници на компании од Гевгелија, Струмица и од регионот, општината Гевгелија, средното училиште, споделија размислувања за развојот на туризмот и како регионот да стане уште поатрактивен на туристичката мапа.

„Ова е традиционална туристичко-гастрономска изложба на алтернативни форми за развој на туризмот која трае 16 години, а она што е заклучок е дека секоја година е помасовна. Ако почнавме со нашите студенти, се екипиравме и продолживме со сите угостителски објекти, локалните винарии, а денес освен Гевгелија и локалните винарии во Гевгелија, ни се приклучуваат и угостителски објекти од Струмица, потенцираше на свеченото отворање деканката на ФТБЛ“,  проф. д-р Татјана Бошков.

„Гастрономијата сама по себе овозможува пат за поврзување со луѓето, со наследството, со местата. Туризмот преку храната може да ги олесни нашите патувања, да ги повторуваме, но исто така и да се поврземе со пријателите и семејствата. Да посетиме многу повеќе локации, да обезбедиме интересни пренасочувања на нашите патувања додека откриваме скриени приказни и посебни места. Токму ваквите настани, каде што традиционално масите изобилуваат со храна чијшто мирис дополнително го предизвикува нашиот апетит, а аранжирањето предизвикува да измешаме повеќе вкусови, доживувајќи искуства кои го афирмираат културното искуство на локални начини на храна и техники, честопати наречен кулинарски туризам. Пошироко, вака се интегрира улогата на храната во културата, начинот на живот, како и животната средина на заедницата. Понудата на храна може да додаде разновидност на локалната економија, во случајов на Гевгелија, но и точка на разлика во регионалниот идентитет и сликата на дестинација за оваа општина. Да не заборавиме, предуслов за зголемување на можностите за работа во туристичкиот сектор е да се зголеми атрактивноста на главните културни и природни места во регионот, со помош на прекуграничните соработки, а Гевгелија го има тоа. Локалитетите од регионот имаат потенцијал да бидат регионални атракции и да го зголемат бројот на локални, регионални и прекугранични странски туристи, посетители во регионот и локалните области. Тука можат да се вклучат сите локални претпријатија кои работат во културниот, историскиот, еногастрономскиот и природниот туризам.

Гевгелија нуди одлични економски, социјални, но и здравствени бенефити. Факт е дека одржливиот развој на туризмот бара информирано учество на сите релевантни чинители, но и силно политичко лидерство за да се обезбеди широко учество и градење консензус. Желбата за дискусија и придонес на сите засегнати страни присутни денес, особено во панел-дискусијата, всушност ги истражува и ги детектира можностите за обликување на нови политики, ефективни инструменти и се разбира глобални партнерства за поддршка на инклузивен и одржлив развој на туризмот. Свесни сме дека наследството, раскажувањето приказни, како и автентичноста се важни концепти и тие се многу битни во интеракцијата со туристите коишто ја откриваат и винската култура, дегустираат храна, истовремено уживаат во природното и културното наследство на овој регион. Ваквата идентификација на храната и виното како суштински привлекувачи на туристите е формула за подобрување на имиџот на брендот на  виното, подобрување на имиџот на дестинацијата, би кажала уметноста на гостопримството што влијае на задоволството на туристот, а природата веќе ја наградила Гевгелија. Токму ваквите средби, ваквите интенции да го подобриме нашиот систем преку поддршка и промоција и афирмација на туристичко- гастрономската понуда на Гевгелија, заедно со нашиот факултет, со нашиот Универзитет, со нашите студенти, ќе помогне да изградиме систем кој ќе биде атрактивен за младите сили“, изјави проф. д-р Татјана Бошков.

На отворањето на изложбата се обрати и проректорката за наука, проф. д-р Зденка Стојановска, како и претставници на Факултетот за туризам и бизнис логистика, Министерството за образование и останати гости на изложбата.

Панел-дискусијата понуди многу интересни размислувања кои може да бидат значајна основа на идните мерки и чекори за унапредување на туризмот и туристичката понуда во регионот и пошироко.