Search
|     contact@ugd.edu.mk

Универзитет „Гоце Делчев“ доби титула „Шампион во имплементација на EWP“, иницијатива на Европската комисија за дигитализација на програмата Еразмус+

Споделете

По неколкугодишна напорна работа и посветеност на Одделението за меѓународна соработка, Универзитет „Гоце Делчев“ заслужено ја доби титулата „ESCI Champion in the implementation of Erasmus Without Paper (EWP) 2025-2027“.

По иницијатива на Европската комисија, титулата се доделува на една високообразовна институција од секоја Еразмус+ партнерска држава, односно држава која поседува национална агенција за европски образовни програми и мобилност и Еразмус+ чартер.

Во периодот што следи титулата официјално ќе биде доделена на свеченост организирана од Европската комисија во Брисел, претходена од координативни виртуелни состаноци, како и состанок што се планира да биде одржан во Гетеборг, Шведска.

Во моментов, на платформата за дигитални интеринституционални договори, Универзитет „Гоце Делчев“ има склучено речиси 400 договори со партнер-институции од Европа, вклучувајќи ги и Турција и Србија.

Документацијата која до пред извесно време се потпишуваше во хартиена форма од страна на студентите кои заминуваат или доаѓаат на Еразмус+ мобилност речиси во целост е префрлена на електронската платформа поставена од Европската комисија.

Освен тоа, Универзитет „Гоце Делчев“ е меѓу двете институции во државата што ја имплементираат Европската студентска картичка. Имено, оваа студентска картичка во дигитална форма ја добива секој студент кој заминува на Еразмус+ мобилност и со помош на картичката има можност да добива разни попусти, пропусници во библиотеки и национални установи и останати поволности во државата каде што ја извршува својата Еразмус+ мобилност.

Со имплементацијата на овие иницијативи, Универзитет „Гоце Делчев“, овој пат преку Одделението за меѓународна соработка, уште еднаш се докажува како напредна и современа институција која е во чекор со промените што ги носи дигиталната ера.