Search

угд фм |     contact@ugd.edu.mk

Споделување танцови практики е новиот проект кој Универзитетот „Гоце Делчев“ го започнува во CEEPUS програмата

Споделете

Проф. д-р Рисима Рисимкин и доцент Адријана Данчевска-Ровчанин деновиве во Будимпешта ќе учествуваат на конференција со која стартува најновиот проект на Катедрата за современ танц и балетска педагогија при Универзитетот „Гоце Делчев“ и четири други европски академии, како дел од CEEPUS програмата.

– Многу сме задоволни што го добивме овој проект, кој повторно нѐ поврзува со европската танцова сцена, поради можностите што се отвораат во насока на унапредувањето на системите на настава, но најмногу заради можноста за размена на студенти и професори, што на нашите сегашни и идни студенти им овозможува непречен развој и надградба на уметничкиот идентитет. Универзитетот „Гоце Делчев“ посветува посебно внимание на константниот развој на студентите и нивна реална надградба – вели актуелната деканка на Филмската академија – Катедра за современ танц и балетска педагогија, проф. д-р Рисима Рисимкин.

Проф. д-р Рисимкин ќе го претстави трудот под наслов „Искуството со споделување танцови практитки“, со осврт кон работата на Катедрата за современ танц и балетска педагогија при УГД, каде што од основањето постојано присуствуваат и се едуцираат студенти од земјава и од странство.

Доцент Данчевска-Ровчанин ќе го претстави трудот „Македонската современа танцова сцена“ во кој дава опис на достигнувањата и напредокот на домашната сцена.

– Овој проект повторно нѐ става на мапата на европски танцови универзитети и академии и ни помага да бидеме препознаени не само кај нас, туку и на светската танцова сцена. Размената на искуства и споделувањето се посебно важни во уметноста на танцот, посебно на универзитетските програми, а ние сме посебно насочени кон реални проекти во коишто нашите студенти постојано учествуваат. Нашите студенти имаат можност за пракса со Скопје танцовиот театар (следната недела патуваат на фестивал во Италија), како и можност за соработка со 13 европски универзитети, каде што дел од нив ќе престојуваат во претстојниот период – вели доцент Данчевска-Ровчанин, која од 15 септември 2025 година ќе ја преземе функцијата декан на Филмската академија.

Дводневната конференција со која започнува проектот „Споделување танцови практики“ се одржува во Трафо центарот во Будимпешта, кој е еден од најпознатите центри за современа култура во Европа, а на проектот покрај УГД учествуваат и Академијата за циркус и современ танц – Будимпешта, Унгарија; Академијата за изведувачки уметности – Братислава, Словачка; Универзитетот за музика, драма и танц „Антон Брукнер“ – Линц, Австрија и Академијата за изведувачки уметности – Прага (ХАМУ), Република Чешка.