Search

угд фм |     contact@ugd.edu.mk

Отворена изложбата „Реконфигурација“ на проф. Слободан Милошески

Споделете

На 25 септември 2025 година во Уметничката галерија „Амам“ во Гевгелија беше    отворена изложбата „Реконфигурација“ од авторот Слободан Милошески.

Изложбата е составена од 12 скулпторски дела од галериски формат, создадени во последните три години во материјал инокс. Гевгелиската публика ќе има можност да ја посети изложбата до 2 октомври.

„Скулптурите се составени од огледални фрагменти кои ја прекршуваат светлината на уникатен начин, создавајќи динамичен и постојано променлив приказ. Така, секој фрагмент одразува различен аспект од идентитетот на гледачот, при што делото станува огледало на личноста и симбол на саморефлексија. Овој принцип овозможува повеќеслојно искуство – од визуелни оптички ефекти до активирање на меморијата, времето и сложеноста на човечкиот ум. Распоредот на елементите во скулптурата е внимателно дизајниран, постигнувајќи хармоничен баланс помеѓу просторот и формата. Композицијата го повикува набљудувачот да се движи околу делото, при што се создава постојан дијалог меѓу уметничкото дело и гледачот. Така, рефлексијата не се доживува како линеарен процес, туку како повеќеслојна конструкција која ја симболизира комплексноста на човечкиот идентитет и еволуцијата на самоперцепцијата. Апстрактната природа на овие скулптури овозможува лична интерпретација – секој посетител може да ги проектира сопствените сеќавања и емоции. Во тој контекст, минималистичкиот пристап на Милошески не е редукција, туку проширување на апстрактните идеи во самостоен реалитет на самоспознавање, со елиминација на миметичките претстави на реалноста“, вели историчарот на уметност проф. д-р Џемил Бектовиќ во својата критика по повод оваа изложба.

Слободан Милошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р. Бугарија, на Катедрата за скулптура.

Досега има реализирано 35 самостојни изложби, а учествувал на повеќе од 100 групни изложби во земјава и во странство. Добитник е на 16 награди и признанија, од кои најзначајни се Наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и во 2015 година,  Наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“  доделена од ДЛУМ во 2014 година , Наградата за скулптура доделена од ДЛУМ во 2020 година, Наградата за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021 година и Наградата „Адем Кастрати“ доделена од КИЦ-Скопје во 2021 година.

Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои: скулптурите на Живко Чинго, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, Спомен-обележјето на Првото заседание на АСНОМ, скулптура на Муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура „Секвенци на рефлексија“ во Младински културен центар, сите поставени во Скопје.

Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а од 2023 година е дел од Управниот одбор на друштвото. Работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што од 2025 година ја извршува деканската функција.