Во рамките на традиционалниот настан „Денови на млади истражувачи“, денес започна IV Brain Gain Conference Carbonica под наслов „Агроеколошки потенцијал за јаглеродно земјоделство – глобално знаење и локални предизвици“. Настанот се одржува на Земјоделски факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип и претставува дел од активностите на проектот „Карбоника“.

– Земјоделскиот факултет при УГД по вторпат е организатор на оваа конференција Brain Gain во склоп на проектот „Карбоника“. Целта е да ги обедини националните експерти, но и оние од дијаспората. Знаењата кои се стекнати во меѓународни институции, нашите експерти од дијаспората да ги пренасочат во унапредување на јаглеродното земјоделие во земјата. На денешната конференција се присутни чинителите кои учествуваат во проектот – професори, претставници од невладиниот сектор, како и од стопанството. Денес се присутни и нашите студенти од прв, втор и трет циклус студии – изјави проф. д-р Билјана Балабанова, професорка на Земјоделскиот факултет.

Конференцијата има за цел да ги обедини националните и меѓународните експерти, вклучувајќи ги и научниците од македонската дијаспора, со цел размена на знаења и искуства во областа на јаглеродното земјоделство и одржливиот развој.
– Целта е да ги размениме научните сознанија за одржливо земјоделство. Јаглеродното земјоделство претставува систем кој преку зачувување на јаглеродот во почвата и рационално користење на ресурсите ги интегрира мерките за ублажување на климатските промени. Тука се наоѓа најголемиот предизвик и најголемите можности за земјоделството на 21 век – додаде проф. д-р Верица Илиева од Земјоделски факултет.
Конференцијата Brain Gain Carbonica е само првиот дел од тридневниот настан „Денови на млади истражувачи“, кој ќе продолжи со VI Студентска конференција „Критични прашања во земјоделството и животната средина“ на 12 ноември и „Отворени лаборатории“ – експериментален ден наменет за средношколците, на 13 ноември.

Со вакви активности, Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип ја зацврстува својата улога како центар на знаење, иновации и научна соработка меѓу академската заедница, стопанството и граѓанскиот сектор.


