Факултетот за образовни науки при УГД одржа свечена седница на Наставно-научниот совет во чест на проф. д-р Стојко Стојков, кој стана член на Македонската академија на науките и уметностите, како член надвор од редовниот работен состав. За професорот Стојков ова е признание и чест, а неговото делување останува во борбата за правата на Македонците во Бугарија.
„Тоа е позиција која им се дава на луѓе кои живеат надвор од територијата на Република Македонија. Јас живеам во Пиринска Македонија, таму се борам за правата на нашите Македонци и за себе исто, па затоа не би можел да бидам во редовниот состав. Но, без разлика, тоа е многу голема чест и признание за мене и за сѐ што сум направил досега. Признание и за работите што сум ги вршел на нашиот Факултет за образовни науки како историчар, признание за сѐ што сум направил за правата на Македонците во Бугарија и за истражување на историјата на македонското малцинство во Бугарија и со книгите што сум ги издавал. На крајот, сметам дека тоа е едно признание, една поддршка и за Македонците во Бугарија да имаат свој претставник во МАНУ. Знаете, традиционално секогаш имало член оттаму и мене ми е чест да се придружам на нивниот ранг, луѓе како Ѓорѓи Попатанасов, како покојниот Иван Кантарџиев и други, така што за мене тоа е голема чест и голема радост. Како член на Академијата надвор од работниот состав, јас мислам да продолжам во иста насока како досега, само уште поинтензивно, бидејќи едно такво членство задолжува и носи некоја морална обврска за уште повеќе да се работи. Јас продолжувам да се борам за правата на Македонците во Бугарија, да ја истражувам нивната историја, средновековната историја, македонскиот идентитет…“

„За Факултетот за образовни науки навистина е голема привилегија да има академик. УГД има втор академик. Првиот е во редовен состав, а колегата Стојко Стојков е надвор од редовниот работен состав, но е член на МАНУ. Ова е голема чест, имајќи го предвид фактот дека тогашниот Педагошки факултет, заедно со Рударско-геолошкиот факултет се две единици од кои се роди Универзитетот „Гоце Делчев“. Еве на некој начин потврда на долгогодишната квалитетна, упорна и макотрпна работа. Навистина се радуваме што еден од двајцата академици на УГД е на Факултетот за образовни науки“, изјави деканот на Факултетот за образовни науки, проф. д-р Трајче Стојанов.


