Search

Амбасадорот на Казахстан, Н.Е. Сатибалди Буршаков одржа предавање на Правен факултет

Споделете

Правниот факултет на УГД беше домаќин на амбасадорот на Казахстан во РСМ, Н.Е Сатибалди Буршаков, кој се сретна со ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, и со раководството на Правен факултет. Тој одржа и предавање пред студентите на УГД.

Денес на Правниот факултет имаме чест да го угостиме амбасадорот на Република Казахстан во Македонија, неговата екселенција Н.Е. Сатибалди Буршаков, амбасадор на Казахстан во Северна Македонија. Тој ќе одржи предавање на тема „Kazakhstan and its geopolitical role in the modern world“. Настанот за Правниот факултет претставува значајна можност за студентите директно од истакнат дипломат да слушнат малку повеќе за современите геополитички процеси, регионалната улога на Казахстан и начинот на кој државата ги гради своите меѓународни партнерства. Како факултет силно ја поддржуваме меѓународната соработка и ваквите гостински предавања придонесуваат кон проширување на академските хоризонти, развивање на критичко однесување на студентите и подобро разбирање на глобалните предизвици“, изјави деканката на Правен факултет, проф. д-р Билјана Тодорова.

Амбасадорот на Р. Казахстан во РСМ, Н.Е. Сатибалди Буршаков, истакна дека оваа посета на УГД е дел од серијата посети и средби, со цел да се воспостави соработка од која интерес ќе имаат двете држави.

Казахстан отвори своја Амбасада во Македонија во текот на минатата година, ова е моја прва посета на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а целта на посетата е да им ја презентирам мојата земја Казахстан на младите луѓе, на Универзитетот, на студентите. Во иднина да можат универзитетите од Казахстан да соработуваат со УГД, да ја претставуваме надворешната политика на мојата земја, културниот живот, културното наследство… Откако ја отворивме новата Амбасада во Скопје, имаме интензивен дијалог на политичко ниво, имавме работна посета на претседателката Гордана Сиљаноска-Давкова, која се сретна со нашиот претседател и учествуваше на Астана Интернационалниот форум, посети и соработка имаа и министрите Тимчо Муцунски и Сања Божиновска. Кога станува збор за соработката, наша цел е најмногу економското поле, економската соработка, имаме веќе Меѓувладина комисија за економска и трговска соработка. Во иднина планираме Бизнис форум во Скопје и состанок на Меѓувладината комисија во Казахстан, значи дефинираме заеднички полиња за интерес. За секоја форма на економска соработка сме отворени и ќе ја поддржиме и промовираме.“

Амбасадорот Буршаков пред предавањето на Правен факултет имаше средба и со ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.