Традиционално, крајот на годината на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип е обележан со интервју со ректорот. Оваа година правиме нешто поразлично.
Во специјалното предновогодишно видео издание, Универзитетот „Гоце Делчев“ отвора разговор со тројцата проректори – проф. д-р Сашо Коцевски, проф. д-р Дарко Лазаров и проф. д-р Ана Никодиновска – секој од својата област, но со заедничка цел: развој на современ, отворен и европски универзитет.
Во интервјуто проректорот за настава и студенти, проф. д-р Сашо Коцевски, говори за 2025 година како период на динамичен развој, со силен фокус на студентите, квалитетот на наставата и интернационализацијата. Универзитетот, како што истакнува, е комплексен и жив систем, отворен за критика, соработка и континуирана трансформација.
Проректорот за развој и меѓународна соработка, проф. д-р Дарко Лазаров, најавува дека 2026 година ќе биде рекордна по обем на инвестиции, со над 750.000 евра вложувања во лабораториска и научноистражувачка инфраструктура. Посебен акцент се става на основањето универзитетски стартап и иновациски центар, кој треба да ги поврзе знаењето, науката и претприемништвото.
Проф. д-р Ана Никодиновска зборува за значењето на Европската универзитетска алијанса како долгорочна стратешка определба и конкретен чекор кон интеграција на УГД во европскиот образовен простор, нагласувајќи дека европските процеси се случуваат и преку образованието, науката и младите.
Целото интервју нуди јасна слика за тоа каде се наоѓа Универзитетот „Гоце Делчев“ денес и каде се движи во наредниот период – со инвестиции, меѓународна соработка, иновации и студентите во центарот на вниманието.
Во продолжение погледнете го целото видеоинтервју со тројцата проректори на Универзитетот „Гоце Делчев“.


