УГД е домаќин на тридневна Работилница во рамките на нашиот проект Европска универзитетска алијанса ACE 2 EU, на кoјa се собрани истражувачи од сите девет универзитети членови на алијансата.

„Тие во наредните три дена ќе работат на изработка на проекти од областа на примената на вештачката интелигенција за паметно управување на општеството или подобро општество за сите. Сите овие активности би требало да резултираат со многу нови детални проекти кои ќе бидат аплицирани во рамки на европските програми. Ваквите настани ќе овозможат зголемување и на научната активност, но и влијание на универзитетите во секојдневниот живот“, рече ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, проф. д-р Дејан Мираковски.
Поддршка на овој настан дава и Министерството за дигитална трансформација, потенцираше министерот Стефан Андоновски.

„Задоволство ми е што како Министерство можеме да го поддржиме овој настан и да го поздравам ангажманот на УГД, кој повторно покажува дека најновите теми кои се појавуваат во Европа и од научен аспект и од апликативен аспект може да ги имплементира, да организира нивна имплементација во државата. Важно е да се отвораат темите како вештачка интелигенција и нејзината употреба. Ние имаме системски пристап за употребата на вештачката интелигенција, од еден аспект тоа е подготовката на стратешки документи, кои значат нејзина правилна употреба во јавниот сектор и вториот аспект изградбата на инфраструктура, што го правиме преку поддршката на големиот проект со ЕУ за формирање на т.н. фабрика за вештачка интелигенција во Македонија, односно поврзување со антена и градење на голем јазичен модел на македонски јазик, кој ќе значи една системска употреба на вештачката интелигенција и во јавниот сектор, но и поддршка за употреба во приватниот сектор. Вакви настани како овој денес се значајни затоа што на една научна основа може да се дискутираат конкретни апликативни проекти за употребата на вештачката интелигенција во јавниот сектор и да видиме како тие во пракса би функционирале и би можеле да се употребуваат“, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

„Мене ми е навистина драго што овој настан се случува во Штип, благодарение на УГД. Значајно е тоа што Штип е град кој во минатото бил предвесник на многу промени, а потребата од примена на вештачката интелигенција во нашиот град, држава, општество, е евидентна за да се генерира развој и да се отворат нови можности. Благодарение на научната фела овој настан е во насока на тоа како да ни користи вештачката интелигенција во реалниот сектор, во рамки на институциите, како да најде своја примена“, изјави градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.

„Главната цел на овој настан, работилница, е да донесе локални експертизи, интегрирани во научни истражувања на универзитети од девет различни држави, а професорите и експертите овде да се вмрежуваат, соработуваат, да презентираат заеднички научни предлози и да развијат заеднички идеи, кои ќе можат да помагаат во решавање на социоекономски и општествени потреби кои ги имаме локално во Европа. Универзитетот „Гоце Делчев“ како еден од партнерите во нашата алијанса веќе беше партнер во шест проекти и со овие три дена работилница овде во Штип очекуваме да го зголеми бројот на проекти преку соработката во проектот ʼAI for Society & Smart Governanceʼ“, изјави проф. Сангита Ратнаике, претседател на Ариес инкубаторот на Алијансата ACE 2 EU.



