Суштината на финансиите е обработка и агрегација на големи количини информации, преку кои се координираат учесниците во финансиските системи. Анализирано во различни етапи на историскиот развој на финансиите, има голем исчекор и напредок во начинот на обработка на информациите. Имплементацијата на вештачката интелигенција го трансформира начинот на финансиско управување и донесување одлуки и нуди нови можности во анализата на податоци, прогнозирањето и автоматизација на процесите.
Интеграцијата на ВИ во финансиите е во својата почетна фаза и можностите за поголем напредок и поголем развој се неограничени. Моментално во финансиите ВИ е интегрирана во донесувањето финансиски одлуки, управувањето со инвестиции и оптимизација на портфолио, кредитно бодување и проценка на ризик, алгоритамско и високофреквентно тргување, детекција на измами и финансиска безбедност, намалување на човечка пристрасност и правење грешки. Алгоритмите базирани не ВИ споредбено со традиционалните анализи се многу поефикасни и пофункционални во процесот на предвидувања на движења на пазарот и финансиски ризици.
Во процесот на финансиско инвестирање, ВИ им помага на инвеститорите со подобрена прецизност да го структурираат своето портфолио, додека алгоритамските системи за тргување сега автономно ги извршуваат тргувања, со што се зголемува ликвидноста на пазарот и оперативната ефикасност. Во кредитното бодување, ВИ ги надминува традиционалните финансиски метрики со што се зголемува точноста на проценка на ризикот.
Дополнително, ВИ наоѓа голем придонес во идентификацијата на аномални шеми што укажуваат на измамнички трансакции и придонесува кон ублажување на ризиците од финансиски криминал. Секоја нова генерација на ВИ создава нови можности за финансискиот систем. Несомнено, ВИ го револуционизира процесот на обработка големи бази на податоци, нуди можности за подобрени персонализирани финансиски услуги, зголемување на задоволството на клиентите и финансиска инклузија.
Редефинирање на перцепцијата за финансиите кај студентите преку ВИ
Покрај сè поголемата примена на ВИ во финансискиот сектор, овие алатки може значително да влијаат врз трансформирањето на финансиското образование. До појавата на можностите што ги нуди ВИ, перцепцијата за финансиите беше дека се „досадни“, тешки, апстрактни. Со ВИ финансиите се редефинираат од монотона во динамична научна дисциплина и студентите почнуваат да гледаат перспективен кариерен развој во оваа област. Главни фактори за поголемиот интерес е тоа што финансиите стануваат доста подинамични, релевантни, иновативни и интерактивни.
Ако до порано се сметаа за апстрактни, новите технологии им овозможуваат на студентите визуелно да ги разберат процесите како инвестирање, тргување, да ги следат движењата на финансиските пазари во реално време. Новите трендови кои се појавуваат во општеството и сè поголемата достапност до финансиски апликации како мобилно банкарство, инвестициски платформи, крипто апликации, „fintech“ алатки, ги трансформираат финансиите во практични и реално, секојдневно-применливи. Дигитална ера, вештачка интелигенција, алгоритамски системи се новата сегашност и брзата адаптација на овие промени ќе придонесе до зголемена конкурентност, поефикасни и поквалитетни финансиски одлуки.
Доц. д-р Мила Митрева-Пандева
Економски факултет,
Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип


