Search

УГД ги презентираше своите забелешки на Предлог-законот за високо образование на јавната дебата во Штип

Споделете

Во салата на Сенатот во Ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип се одржа јавна дебата посветена на новиот Предлог-закон за високо образование, на која присуствуваше министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

На дебатата учествуваа професори, асистенти, студенти, претставници на институции и заинтересирани граѓани, кои активно се вклучија со свои предлози и забелешки. Во текот на дискусијата беа изнесени конкретни коментари на текстот на Законот. Дел од предлозите беа прифатени и ќе бидат вградени во понатамошната верзија, додека дел остануваат предмет на дополнителна анализа и разгледување.

Дебатата помина во конструктивна атмосфера, со отворена размена на аргументи и ставови, што претставува значаен чекор кон креирање поквалитетно и одржливо законско решение за високото образование.

Ректорот Мираковски: Потребна е јасна квалитативна рамка

Ректорот на УГД, Дејан Мираковски, истакна дека Универзитетот имал можност да ги слушне ставовите на Министерството за образование и наука и да ги презентира сопствените позиции околу законското решение кое е во подготовка.

„Како универзитет веќе имавме интерни дискусии на оваа тема и денес е моментот нашите ставови да бидат продискутирани. Генерално сум задоволен што се прифаќа потребата од закон кој ќе даде јасна квалитативна рамка за развој на универзитетите. Тоа е нешто што навистина ни е неопходно“, посочи ректорот.

Тој нагласи дека забелешките на УГД се синтетизирани и ќе бидат официјално презентирани. Една од клучните забелешки се однесува на нормализирање на условите, односно воспоставување еднакви критериуми за големите и малите универзитети. Беше отворена и дискусија за вклучување на базата SCOPUS како релевантна за овој регион, со оглед на тоа што опфаќа значителен број конференции и научни трудови. Останатите забелешки, според ректорот, се претежно формални и очекува брзо усогласување во понатамошната расправа.

Министерката Јаневска: Ново законско решение е неопходно

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, истакна дека расправата во Штип е петта по ред јавна дебата за Законот за високо образование и Законот за квалитет во високото образование, при што остануваат уште две расправи до финализирање на процесот на консултации.

По завршувањето на јавните расправи ќе следува корекција на прифатливите забелешки, додека дел од нив ќе бидат дополнително разгледани од работната група. Потоа, Законот ќе биде објавен на ЕНЕР за краток период, со цел академската заедница да ги види направените измени и навремено да реагира, по што ќе влезе во владина процедура.

„На Македонија ѝ е неопходно ново законско решение за високото образование. Потребно е подигнување на квалитетот, со проактивност на академската заедница, особено во научните истражувања. Едукацијата и научното истражување се две нераздвојни целини – не може да имаме добар професор на академско ниво кој не ги следи новините во своето поле“, истакна Јаневска.