Search

„Сметководствена суперлига“ – интерактивен настан за млади сметководствени таленти

Споделете

Со цел поттикнување на знаењето, тимската работа и практичната примена на сметководствените вештини, Економски факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип го организираше настанот „Сметководствена суперлига“, кој се одржа на 19 март 2026 г.

Настанот претставува иновативна и едукативна платформа наменета за студенти – млади професионалци од областа сметководство, финансии и ревизија. Учесниците беа организирани во девет групи од по тројца членови и се натпреваруваа низ серија предизвици и задачи базирани на реални деловни сценарија.

Целите на настанот се поттикнување на практична примена на сметководствените знаења, развивање на аналитичко размислување и донесување одлуки, јакнење на тимската работа и комуникациските вештини.

Натпреварот се одвиваше во четири фази, вклучувајќи квиз прашања, решавање на студии на случај и презентации, а модератори беа тричлена стручна комисија составена од докторанди и магистранди на Економски факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, експерти од областа.

За најуспешните тимови се доделија награди, како и можности за професионален развој и вмрежување.

Настанот, покрај студентите на Економски факултет, го следеа и го збогатија и ученици и професори од средните училишта во Штип, Струмица, Кочани, Радовиш и Виница.

„Сметководствена суперлига“ има за цел да ја приближи професијата до младите и да покаже дека сметководството и ревизијата не се само теорија, туку динамична и креативна дисциплина со големо значење за современиот бизнис.

Искрена благодарност до сите учесници во овој настан.