Search

На УГД започна новата академска година – околу 1.500 бруцоши го направија првиот чекор кон своето високо образование

Споделете

Со свечен прв академски час, денес на платото пред Економскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип започна академската 2026/2027 година. Околу 1.500 бруцоши годинава го започнуваат своето високо образование на УГД, а со тековниот упис на студенти од странство се очекува бројот да достигне околу 1.750 новозапишани студенти.

На свеченоста присуствуваа премиерот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, митрополитот Брегалнички Иларион, директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов, претставници на академската заедница, институциите, студентите и други гости.

Обраќајќи им се на новата генерација студенти, ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, истакна дека за Универзитетот претставува чест и привилегија што младите ја избрале оваа високообразовна институција за своето академско образование.

„Ние како универзитет сме должни да им ги отвориме вратите кон подобро образование, поквалитетни можности за реализација на нивните идеи и за усовршување на талентите со кои располагаат овие млади луѓе“, порача ректорот Мираковски.

Тој посочи дека УГД се стреми да создава што повеќе можности за студентите преку учество во проекти, мобилности и меѓународна соработка, нагласувајќи ги можностите што ги нуди Универзитетската алијанса, која поврзува девет универзитети.

„Се надевам дека тоа ќе им отвори навистина нови перспективи, ќе го подобри квалитетот на знаењата, ќе можат да бидат дел од едно многу пошироко димензионирано семејство и сите тие знаења ќе ги донесат тука дома, во Македонија, и ќе го креираме заедно, ќе го градиме општеството подобро за сите“, истакна Мираковски.

 

Мицкоски: Студентските години ќе ги паметите целиот живот

На бруцошите им се обрати и премиерот Христијан Мицкоски, кој на почетокот нагласи дека на свеченоста сака да зборува не само како претседател на Владата, туку и како професор и поранешен студент.

Тој се потсети на сопствениот прв академски час пред три децении, кога, како што рече, по возбудливите средношколски денови започнал нова епизода во својот живот.

„Пред 30 години и јас бев како вас, бруцош, го имав тогаш првиот универзитетски час и започнав една нова епизода во мојот живот како студент, откако ги завршив прилично возбудливите средношколски денови“, рече Мицкоски.

Тој им порача на студентите дека во годините што следат ќе се соочат со предизвици, успеси и падови, но дека студентскиот период ќе остане важен дел од нивниот живот.

„Ќе имате предизвици, големи падови, но уверен сум дека оваа приказна од вашиот живот ќе заврши успешно. Ќе ја паметите целиот живот и тоа ќе биде основа понатаму да ги градите семејствата коишто понатаму ќе ја градат нашата заедничка татковина Македонија“, им порача премиерот.

Мицкоски направи паралела меѓу времето кога тој ги започнувал студиите и денешната генерација, нагласувајќи дека младите денес имаат можности за брза комуникација и пристап до голем број информации преку социјалните мрежи, но и предизвици поврзани со нивното користење.

Тој пред студентите зборуваше и за своето професионално искуство надвор од земјата. Како што посочи, дел од животот го поминал во Италија и Германија, каде што го завршувал експерименталниот дел од докторските студии, а бил и визитинг-професор на Техничкиот универзитет во Виена.

„Она коешто секогаш ме инспирираше и претставуваше моја водилка во животот, тоа беше мојата родна земја, татковина Македонија. Каде и да одев се враќав назад и знаев дека тука ќе го формирам моето семејство и тука ќе го продолжам мојот живот“, рече Мицкоски.

Тој им порача на студентите да ги користат можностите што им ги нуди образованието, да патуваат, да стекнуваат знаења и искуства и да ја запознаваат Европа и светот.

„Ве воспитуваме да патувате, да стекнувате знаење, да другарувате, да го поминете целиот свет и онаму каде што ќе имате можност, никогаш таа можност да не ја одбиете, но на крајот да се вратите дома“, порача премиерот.

Осврнувајќи се на социјалните мрежи и сликата што преку нив се создава за животот во странство, Мицкоски им порача на младите да имаат сопствена перцепција за предизвиците што ги очекуваат.

„Она што секој сака да ви каже и да ви го претстави на социјалните медиуми, тоа во суштина не е вистинскиот живот. Вистинскиот живот е борбата којашто ве чека, борбата за вашето семејство и борбата за вашата родена земја Македонија“, рече Мицкоски.

Премиерот упати порака и до професорите, нагласувајќи ја нивната улога во образованието и формирањето на младите луѓе.

„Пренесете го вашето знаење на овие прекрасни млади луѓе, а од тоа знаење коешто вие ќе им го пренесете зависат и нивните семејства во иднина, нивните деца, нивните внуци и сето тоа што ќе следи како предизвик во нивниот живот“, им порача Мицкоски на професорите.

Тој ја истакна и нивната одговорност да бидат педагози и пример за студентите во годините што следат.

„Имајќи ја најубавата работа на светот, тоа треба да ви биде чест, но и одговорност, бидејќи ретко кој има таква одговорност и можност во животот. Мој совет и моја порака до моите колеги, а ваши професори е: бидете тоа што треба да бидете, бидете нивните педагози и нивниот пример“, рече премиерот.

На крајот од своето обраќање, Мицкоски им посака успешни студентски години на новата генерација.

„Нека ви бидат успешни овие години на другарување, стекнување знаења и учење. Инспирирајте се од убавините на вашата татковина, Македонија, работете за вас, за вашите семејства и за неа, бидејќи поубаво место друго на светот немаме“, порача премиерот.

На свечениот прв академски час зборуваше и Ана Михајлов, директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, која на студентите им порача да ги искористат можностите што ги нудат европските образовни програми.

Таа ги охрабри студентите да патуваат, да се усовршуваат и преку програмата „Еразмус+“ и европските универзитетски алијанси да стекнуваат знаења и искуства во европскиот образовен простор, кои потоа ќе можат да ги применат во својата земја.

„Пораката е јасна – патувајте, усовршувајте, учествувајте во вакви европски проекти, заради тоа што имаме можност, иако не сме земја членка на Европската Унија, да учествуваме во најголемата и најпрестижната програма на Европската Унија“, истакна Михајлов.

Таа посочи и конкретни можности за студентите. Според неа, преку европските универзитетски алијанси на располагање се околу 1.000 можности, од кои досега се искористени околу 250, додека преку програмата „Еразмус+“ има можност за околу 1.000 студенти да заминат во Европа. Таа го посочи и вкупниот буџет од околу 4 милиони евра за целото високо образование во рамките на програмата.

„Сите универзитети во Македонија имаат можност да учествуваат во програмата Еразмус плус“, нагласи Михајлов.

 

УГД со современа дигитална и европска академска средина

За можностите од студентски аспект зборуваше Матеј Бошковски, студент и претседател на Студентската организација СОМА, кој ги истакна дигиталните услуги на УГД – Е-индексот, Е-библиотеката, студентската електронска пошта и останатите електронски платформи што го олеснуваат секојдневното студирање.

Тој ги посочи и можностите преку „Еразмус+“ и Европската универзитетска алијанса, преку кои студентите можат да излезат од локалната академска средина и да станат дел од европскиот образовен простор.

Новата генерација со свои соништа и цели

За новата генерација бруцоши, првиот академски час означува почеток на едно ново животно и академско поглавје.

Ивана Милева, бруцош на Филолошкиот факултет на насоката Македонски јазик и книжевност, вели дека нејзиниот избор е определен од долгогодишната љубов кон пишаниот збор, читањето и пишувањето.

„Уште од мала имам огромна љубов кон пишаниот збор, кон пишувањето и кон читањето, а и таа љубов со генерации се пренесува и во моето семејство. Мојата цел е да го пренесам богатството на нашиот јазик на помладите генерации, затоа што нашиот јазик има доста богатство и треба да се негува и да се пренесува“, вели Милева.

Со првиот академски час, околу 1.500 нови студенти го започнуваат своето студирање на УГД, додека уписот на студенти од странство продолжува. По неговото завршување се очекува бројот на новозапишани бруцоши да достигне околу 1.750.

Новата академска година носи нови предизвици и можности за студентите, но и нова генерација млади луѓе кои своите знаења, таленти и амбиции во следните години ќе ги развиваат во академската средина на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.