Во НУ Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ – Штип беше промовирана книгата „Македонка – од раѓање до пропаѓање (1951–2001)” на авторот проф. д-р Андон Мајхошев од Правниот факултет при УГД.
Проф. д-р Мајхошев пред промоцијата ги потенцираше причините поради кои се нафатил на едно вакво истражување за некогашниот гигант, Текстилниот комбинат „Македонка“, а се задржа и на причините за неговото распаѓање.
– Денешниот ден, 6 април, се совпаѓа со симболичкото предавање на предилницата на „Македонка“ на управување на работниците и по тој повод, денес, организираме промоција на оваа книга. „Македонка“ растеше, се развиваше и живееше 50 години, за тој временски период го достигна својот максимум некаде кон крајот на 80-тите години и достигна бројка од 6000 вработени. Таа беше препознатлива фирма во бившите југословенски простори и беше димензионирана за 25 милионски пазар. Повод да ја напишам оваа книга се моите корени од „Македонка“. Значи јас припаѓам на генерација родители вработени во „Македонка“, кодот на „Македонка“ и оној ген што го носам од моите родители преку моето вработување во овој текстилен комбинат, имаме вкупно остварено работен стаж околу 90 години. Значи девет децении моето семејство е присутно професионално, работно во ТК „Македонка“. Ако говориме за причините за распаѓањето на „Македонка“, што е едно од прашањата на кои сакаме да одговориме со истражувањето во книгата, е распадот на некогашниот југословенски пазар, кој се парцелизираше на осум помали, посебни пазари и тоа го стесни пазарот на „Македонка“, што влијаеше многу негативно врз понатамошниот нејзин развој – рече проф. д-р Андон Мајхошев.

Промотори на книгата беа проф. д-р Билјана Тодорова, деканка на Правен факултет, и проф. д-р Страшко Стојановски, продекан на Правен факултет.
Издавач на книгата е НУ Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ – Штип.
По завршувањето на промоцијата беше отворена и изложба на фотографии од ТК „Македонка“, која го прикажува историскиот развој на работниот колектив. Автор на изложбата е проф. д-р Андон Мајхошев.


