Докторандот Круме Богевски од Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип во текот на изминатиот период учествуваше во академска мобилност во рамки на Европската универзитетска алијанса ACE2EU Alliance.
Мобилноста беше реализирана на Polytechnic Institute of Santarém во Португалија, а подоцна резултираше со покана за научна презентација на меѓународен конгрес во Гдањск, Полска.
„Една кратка мобилност прерасна во искуство кое ми отвори нови академски и професионални перспективи, како и поширока мрежа на соработки на европско ниво“, истакнува Богевски.
Во текот на престојот, тој учествуваше во предавања, работилници и интердисциплинарни сесии со учесници од девет европски универзитети. Се обработуваа теми поврзани со палијативна грижа, квалитет на живот и современи интердисциплинарни пристапи во здравствените системи.
Дополнително, беа реализирани и посети на институции за палијативна грижа во Португалија, каде што беше претставен интегриран пристап кон здравствената заштита и квалитетот на живот на пациентите.
„Искуството во Португалија не беше само академско учење, туку и процес на вмрежување со луѓе и институции кои подоцна отворија сосема нови можности во мојата научна работа“, додава тој.
Преку воспоставените контакти, Богевски оствари соработка со претставници од Medical University of Gdańsk, по што доби покана за учество на 31. Меѓународен конгрес во Полска.
„Тоа беше момент во кој сфатив дека една мобилност може да отвори низа можности кои не се однапред планирани“, нагласува тој.
Конгресот во Гдањск му овозможи презентација на научната работа поврзана со биоактивни соединенија и нивниот потенцијал за влијание врз процесите на стареење. Настапот се одвиваше во средина којашто ја поврзува академската истражувачка работа со клиничката пракса, што претставува значаен чекор во неговиот академски развој.
Во рамки на конгресот, Богевски истакнува:
„Универзитетот функционира како дел од голем клинички центар, често опишуван како ‛најголемата болница на Балтикот‛, што овозможува директна интеграција на науката и клиничката пракса. Условите за работа, инфраструктурата и пристапот кон истражувањето претставуваат пример за тоа кон што треба да се стремиме.“
Ова искуство претставува пример како една академска мобилност во рамки на ACE2EU може да прерасне во поширока мрежа на соработки, научни можности и меѓународна афирмација.
„Понекогаш една одлука и едно ‘да’ се доволни за да започне процес кој целосно ја менува насоката на една академска кариера“, заклучува Богевски.


