Програмите преку Алијансата ACE2EU им овозможуваат учество на сите студентите на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип преку меѓународни академски и практични мобилности на девет европски универзитети.
Студентката Черен Јазар, четврта година на англиската студиска програма по медицина, учествуваше во академска мобилност во рамки на Алијансата ACE2EU во Португалија.
Во текот на мобилноста, таа беше вклучена во едукативна програма за палијативна грижа, со фокус на емпатија и пациент-центриран пристап, преку предавања и интерактивни сесии со учесници од повеќе европски универзитети.
„Сфатив дека медицината не е само лекување, туку и разбирање на човекот и неговата потреба за поддршка и достоинствена грижа“, истакнува Јазар.
Покрај практичниот академски ангажман, таа го издвојува и фактот дека со останатите студенти станале група на вистински пријатели.
„Иако бев единствената студентка од Турција, од почетокот бев прифатена со отвореност и топлина. Многу брзо групата прерасна во вистински пријателства“, додава таа.
На мобилноста значајно беше учеството на професорката од нашиот универзитет, проф. д-р Даниела Буклиоска Илиевска, која со својот академски придонес и активна улога во програмата ја зајакна меѓународната соработка и квалитетот на дискусиите.
„Нејзиниот пристап создаде мотивирачка и поддржувачка средина за сите студенти“, истакнува Јазар.
По враќањето од Португалија, таа нагласува дека искуството ѝ донело значително поширока перспектива за медицината, како и дополнителна мотивација за примена на меѓународни практики во нејзиниот професионален развој.


