Од 4 до 31 јули се одржува Летна археолошка школа BEAM (Birth of Europe – Excavations at the Neolithic site of Amzabegovo). Организатори на оваа летна школа се Факултетот за образовни науки на УГД, Фондација „Балканско наследство“ и ОУ Народен музеј – Свети Николе.
Школата ќе се реализира на Археолошкиот локалитет Барутница кај село Амзабегово, Светиниколско, и во Центарот за обуки при УГД.
Летната школа е вградена во теренските истражувања на археолошкиот локалитет Барутница кај с. Амзабегово (Светиниколско), кои се дел од поширок интердисциплинарен научен проект координиран од Австрискиот археолошки институт. Проектот е фокусиран на раните неолитски миграции од Егејот кон Централна Европа и првите постојани населби по коридорот Вардар-Морава. Во овој проект Амзабегово има централна и клучна улога, а теренските истражувања служат како практична настава за домашни и странски студенти. Обучувачи во школата се експерти од Македонија и од странство. Во годинешнава кампања ќе учествуваат пет студенти од САД и од Англија, како и петнаесетина членови на стручната екипа од Македонија, Австрија, Грција, Швајцарија и од САД.
Координатор и раководител на Летната школа е доц. д-р Дарко Стојановски (Австриски археолошки институт – Австриска академија на науки / ФОН-УГД).


