Makerspace лабораторијата при УГД беше домаќин на млади истражувачи од повеќе градови во Македонија, кои имаа можност да поминат еден ден исполнет со наука, технологија, практична работа и многу забава.
Во рамките на работилницата, учесниците се запознаа со хуманоидниот робот Alpha 1S, ги програмираа неговите движења, а потоа вежбаа заедно со него, обидувајќи се да ги следат и повторуваат претходно испрограмираните движења. Исто така, тие имаа можност да управуваат со роботското куче Unitree во услови што симулираат реален терен, водејќи го по однапред обележана патека и низ различни пречки. Преку оваа активност тие учеа како прецизно да го контролираат неговото движење и да ја препознаат неговата примена при истражување на тешко достапни или небезбедни места. Во меѓувреме, учесниците истражија различни видови 3Д-печатари и се запознаа со целиот процес на 3Д-печатење – од цртање и моделирање на 3Д-објектот, до неговата подготовка и печатење. Исто така, научија како се користат VR-очилата и навлегоа во светот на виртуелната реалност.
Младите истражувачи се запознаа и со основите на 3Д-моделирањето за игри, Arduino технологијата и роботиката, при што преку практични активности ги претвораа своите идеи во креативни технолошки решенија.
Покрај едукативниот дел, беа организирани и забавни и едукативни игри преку кои учесниците ја развиваа логиката, креативноста, натпреварувачкиот дух и способноста за тимска работа. Работилницата беше исполнета со позитивна енергија, дружење и заедничко решавање предизвици.
Како спомен од посетата на УГД Makerspace лабораторијата, учесниците добија и подароци во форма на 3Д-печатени играчки, дизајнирани специјално за оваа пригода.
Успешно реализираната работилница покажа дека учењето може да биде истовремено интересно, интерактивно и забавно. УГД Makerspace продолжува да биде простор во кој младите можат да истражуваат, да експериментираат, да создаваат и да ги развиваат своите идеи со помош на современи технологии.


