Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип беше домаќин на работна средба меѓу министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, и ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, придружуван од раководството на Универзитетот.
На средбата беа дефинирани насоките за зајакнување на соработката меѓу академската заедница, ресорното министерство и Владата, со фокус на заеднички истражувачки и развојни проекти.Како една од клучните иницијативи на состанокот беше истакната изработката на сеопфатна мапа на геолошките истражувања во Македонија, како и промоцијата и заштитата на природните ресурси на земјата.
„Нашата цел е заеднички — Министерството, Владата, академската заедница, Универзитетот ‘Гоце Делчев’ и Геолошкиот завод — да направиме мапа на геолошките истражувања во Македонија. Разговаравме и за заштитата на корундот, односно македонскиот рубин, и можностите за негова промоција, како и за тоа кои други ресурси во државата можат дополнително да се заштитат. За две недели ќе имаме нов состанок на кој конкретно ќе ги дефинираме сите приоритетни проекти на кои ќе работиме заедно“, истакна министерката Сања Божиновска.
Соработката меѓу УГД и Министерството ќе овозможи аплицирање за проекти финансирани како од домашни, така и од меѓународни фондови. Овие проекти ќе опфатат широк спектар области, вклучително правилно управување и заштита на минералните суровини, заштита на животната средина, водните ресурси, климатските промени и одржливите енергетски решенија како агрофотоволтаиците.
Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, проф. д-р Дејан Мираковски, потенцираше дека УГД располага со врвни просторни и научни капацитети кои можат да се стават во служба на државата и граѓаните.
„Универзитетот регионално располага со еден од најдобрите лабораториски центри во оваа сфера и има големо научно искуство. Науката мора активно да учествува во сите промени, енергетската транзиција и справувањето со климатските промени. Со брзи, ефикасни и прецизни решенија, со поддршка од државните институции и индустријата, можеме да го подобриме квалитетот на животот и поефикасно да ги искористиме ресурсите со кои располагаме“, изјави ректорот Мираковски.
Со претстојната средба закажана за две недели, се очекува официјално да започне реализацијата на првата фаза од договорените заеднички проекти.


