На Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип денеска започна JRC Summer School 2026, меѓународна научна летна школа посветена на мониторингот и справувањето со загадувањето на воздухот, водата и почвата.
Школата, која ќе трае до 18 септември, се реализира во соработка меѓу УГД и Заедничкиот истражувачки центар (JRC) на Европската комисија, со учество на експерти и студенти од земјите на Западен Балкан.На отворањето на петдневната летна школа се обратија ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и Клаудио Белис, проектен лидер и раководител на Одделот за квалитет на воздух во Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија во Испра, Италија.
Ректорот проф. д-р Дејан Мираковски истакна дека за УГД претставува особена чест што е домаќин на настанот, нагласувајќи дека ваква активност за првпат се реализира во Северна Македонија.
„Ова се надевам дека ќе биде еден од првите чекори за поинтензивна соработка и заеднички научни истражувања со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија“, истакна ректорот Мираковски.
Тој посочи дека на летната школа учествуваат претставници од земјите на Западен Балкан, а предавањата и практичната работа ги реализираат експерти од JRC, професори од УГД и напредни студенти од регионот.
Осврнувајќи се на состојбата со квалитетот на воздухот во земјата, ректорот Мираковски нагласи дека и понатаму постојат сериозни предизвици, особено во однос на суспендираните честички ПМ2,5 и ПМ10.
„За жал, сè уште имаме многу проблеми со воздухот и ги надминуваме дозволените параметри, пред сè од аспект на суспендираните цврсти честички, популарно наречени ПМ2,5 и ПМ10. За среќа, имаме благо подобрување во последните неколку години, иако во повеќе урбани средини сè уште имаме значителни надминувања“, рече Мираковски.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска оцени дека загадувањето на воздухот, водата и почвата е глобален проблем, кој бара заеднички пристап, знаење и соработка.
Таа ја поздрави организацијата на летната школа од страна на УГД, истакнувајќи го значењето на соработката со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија.
„Секоја комуникација и заедничко споделување на знаење со Заедничкиот истражувачки центар на Европа претставува носење на врвни експерти во Македонија, оние кои најдлабоко и најсериозно ги познаваат проблемите од одредена област“, истакна Јаневска.
Според неа, ваквата соработка значи дополнителен развој на науката и истражувањата и придонесува кон усогласување со европските процеси во областа на животната средина.
„Тргнавме во тој правец и сметам дека краткорочно постепено ќе се подобруваме, но на долгорочен план треба да имаме сериозни ефекти кои ќе користат за подобар, односно поздрав живот на населението“, порача министерката.
Клаудио Белис, проектен лидер и раководител на Одделот за квалитет на воздух во JRC, изрази задоволство од соработката со институциите во Северна Македонија и УГД, нагласувајќи дека главната цел на летната школа е градење капацитети и унапредување на знаењата на експертите и студентите од Западен Балкан.
Тој посочи дека JRC како научна служба на Европската комисија обезбедува научна поддршка за развојот на европските политики, а преку вакви активности своето знаење и експертиза ги става на располагање на земјите од регионот.
„Многу е важно сите земји и сите економии во регионот да имаат можност да имаат корист од знаењето што го имаме во JRC“, истакна Белис.
Во рамките на летната школа, учесниците ќе имаат можност да се запознаат со напредни технологии и методи за анализа на загадувањето, како и со начините за идентификување на неговото влијание врз здравјето на луѓето.
Белис нагласи дека учесниците ќе работат на теми поврзани со загадувањето на воздухот, почвата и водата, со цел да стекнат знаења што понатаму ќе можат да ги применат на национално ниво и да придонесат кон работата на министерствата и владините агенции во справувањето со загадувањето и креирањето политики за заштита на животната средина.
JRC Summer School 2026 ќе трае пет дена, до 18 септември, а претставува значајна можност за размена на знаења и искуства меѓу научната заедница, европските институции и младите истражувачи од Западен Балкан.
Одржувањето на школата во Штип е значаен чекор во продлабочувањето на меѓународната научноистражувачка соработка на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и отвора можности за нејзино понатамошно развивање преку заеднички истражувања, експертска размена и нови иницијативи во областа на заштитата на животната средина.


