УГД го организира Вториот симпозиум за теоретска медитеранска археологија
На Симпозиумот на УГД ќе присуствува основачот и долгогодишен претседател на Шпанскиот институт за културно наследство, како и поранешен претседател на Европската асоцијација на археолозите, професор Фелипе Криадо Боадо, европскиот и холандски академик Варшлаус, како и раководители и професори од светски највисоко рангираните универзитети во областа на археологијата и античката историја: Сапиенца, Лејден, Универзити Колеџ Лондон, Макс Планк Институтот од Фиренца, Универзитет во Гетеборг, Полската академија, Австриската академија, УНЕСКО катедрата за наследство на иднината и повеќе европски и регионални универзитети и истражувачки центри.
Симпозиумот за теоретска медитеранска археологија веќе втора година ги става Охрид и Македонија на светската мапа на археолошките истражувања и дебати. Институтот за историја и археологија на Универзитетот „Гоце Делчев“, во соработка со Институтот за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, како и повеќе партнери од Македонија и светот го организира Симпозиумот, на чиј прв собир во 2025 година присуствуваа преку шеесет учесници од повеќе универзитети од САД, Европа и од Азија, како и професори од шест македонски универзитети и повеќе македонски музеи и научни институти.
Оваа година Меѓународниот научен симпозиум за теоретска медитеранска археологија „Лихнида“ ќе се одржи од 18 до 20 септември на повеќе врвни локации на охридското и македонското културно наследство. Отворањето на Симпозиумот ќе се одвива во Охридската галерија на икони, научните сесии во Куќата на Робевци и Куќата на Узунови, а свеченото затворање во Спомен-куќата на Прличев. Темата на овогодишниот симпозиум е „Медитеранската археологија помеѓу империите и империјализмот“, а според директорот на Симпозиумот и раководител на Институтот за историја и археологија на Универзитетот „Гоце Делчев“, професор Тевдовски, веќе е во подготовка и меѓународна научна публикација која ќе ги вклучи прилозите на еминентните гости и научници од земјава и од светот.
Со отворањето на Меѓународниот симпозиум се започнува и официјалното чествување на европските денови на наследството во Охрид, градот на УНЕСКО. Свое обраќање на отворањето ќе имаат раководителите на Универзитетот „Гоце Делчев“, а се очекува да присуствуваат и да се обратат и министри од Владата на РСМ, директорката на Управата за културно наследство, градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, Митрополитот Георгиј, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески и други видни гости.
Позначајни предавачи на Меѓународниот симпозиум
Проф. д-р Фелипе Креадо Боадо (prof. ph.d. Felipe Criado Boado)
Првпат во Македонија ќе биде во периодот 14-21 септември 2026 г. Престојот во Македонија е по лична покана на проф. д-р Љубен Тевдовски, раководител на Институтот за историја и археологија при Универзитетот „Гоце Делчев“.
Повод на посетата е прославата на Европските денови на наследството и свеченото отворање и учество на 2. Меѓународен симпозиум за теоретска медитеранска археологија „Лихнида“ во Охрид.
Проф. д-р Фелипе Креадо Боадо е светски познат научник и општественик.
Боадо е основач, осмислувач и повеќе од 15 години директор на Шпанскиот национален институт за проучување на културното наследство (INCIPIT), кој е дел од Шпанскиот национален совет за научни истражувања (CSIC).
Боадо бил повеќегодишен координатор за хуманистички и општествени науки на Шпанскиот национален совет за научни истражувања (CSIC).
Боадо бил претседател на Европската асоцијација на археолози во периодот 2015 – 2021 година.
Добитник на врвни научни признанија во Шпанија и на меѓународно ниво.
Професор Боадо предавал на Универзитетот Кембриџ и Универзитетот Сантијаго де Компостела во Шпанија.
Професор Боадо е координатор и главен истражувач на Европскиот истражувачки проект (ERC) „Материјални умови“ финансиран од Европската Унија со 10 милиони евра. Во неговиот проект 5 европски институции со 42 научници и лаборатории креираат голема виртуелна дата-база и го истражуваат психолошкото влијание на културното наследство.
Боадо бил еден од главните протагонисти на проектот Европска година на културното наследство 2018 (Европска комисија), член на Комитетот на стејкхолдери на Европската комисија и член на Научниот комитет на ЕУ за Заедничката програмска иницијатива за културното наследство и глобалните промени.
Академик Мигел Џон Вершлаус (Miguel John Versluys)
Член на Холандската кралска академија на науки и уметности (KNAW) и Академијата на Европа (Academia Europaea), формирана од Британското кралско друштво.
Раководител на Институтот за класична и медитеранска археологија и директор на докторските студии на Универзитетот Лејден во Холандија, еден од првите пет универзитети во светските рангирања повеќе од пет години по ред во областа на археологијата и античката историја.
Добитник на една од најпрестижните светски награди во науката Humboldt Research Award во 2025.
Главен уредник на едицијата Религии на грчко-римскиот свет на светски престижниот издавач БРИЛ (Brill), уредник на петнаесет светски престижни списанија од областа на медитеранската археологија.
Член на бордот на меѓународно престижни музејски и научни институции, како Leibniz Zentrum für Archäologie (Mainz) и холандскиот Национален музеј на антиквитети (National Museum of Antiquities – Leiden).
Носител и главен истражувач на најголемите Европски истражувачки проекти (ERC) и други големи меѓународни проекти.
Проф. д-р Емануела Борџа (Emanuela Borgia)
Професор по римска археологија и член на комитетите на докторските студии и меѓународни проекти на Универзитетот Сапиенца во Рим. Нејзиниот институт за антички науки е апсолутен шампион во светот пред Оксфорд и Кембриџ.
Универзитетот Сапиенца е рангиран на прво место во светот во областа на античката историја последните шест години и во борба за првото место со Кембриџ во последните десет години. Во областите археологија и историја на уметност во моментот е седморангиран универзитет на светско ниво.
Професор Борџа е раководител и член на археолошки тимови и меѓународни проекти на Сапиенца повеќе децении низ целиот стар свет (од Италија и Алжир, до Турција и Ирак).
Професор Андрју Гарднер (Andrew Gardner)
Професор по римска археологија на треторангираниот универзитет во светот од областа на археологијата UCL (University College London).
Ко-раководител на Универзитетската археолошка организација на Обединетото Кралство, што ги координира 36. Институти за археологија во Обединетото Кралство.
Ко-основач и член на бордот на светската Теоретска римска археолошка конференција – Theoretical Roman Archaeology Conference (TRAC)
Раководител на меѓународни проекти и уредник на престижните британски и меѓународни научни списанија, како: Britannia и Papers from the Institute of Archaeology (PIA).
Проф. д-р Родерик Салисбери од Универзитетот во Бафало, САД, соработник на Австриската академија и Комнениус универзитетот во Братислава. Уредник на престижни научни списанија, како The European Archaeologist (TEA), Journal of World Anthropology и други.
Д-р Лукаш Соколовски од Институтот Макс Планк во Фиренца и Полската академија на науки и уметности.
Проф. д-р Лејла Паполи Јажди, УНЕСКО катедра за наследство на иднината и Универзитетот во Гетеборг.
Проф. д-р Елиф Копарал, професор по класична археологија на престижниот Мимар Синан универзитет за убави уметности, добитник на награди на престижната Њутон награда на Британската академија, основач и прв секретар на Конференцијата за теоретска археологија на Турција.
М-р Дарко Ковачевиќ, UNESCO експерт од Институтот Сен Мартин во Малта и Центарот за археологија на Универзитетот на Црна Гора, и раководител и учесник на европски археолошки проекти во Египет, Либан, Малта, Грција и др.
И други професори, научници и истражувачи од Европа и од регионот.



