Search

Воената академија при УГД домаќин на АБЦ програмата за управување со кризи во рамките на Алијансата ACE2EU

Споделете

Студенти од девет европски универзитети во Скопје учеа за справување со комплексни безбедносни закани, сајбер-напади и природни непогоди преку теорија, симулации и теренски вежби.

Во организација на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, во Скопје неодамна се одржа практичниот дел од програмата „Applied Blended Challenge“ (ABC) посветена на планирање за вонредни ситуации и цивилна заштита (Civilian Contingency Planning). Оваа иницијатива е дел од активностите на Европската алијанса ACE2EU и опфаќа интензивна обука наменета за справување со современите безбедносни и цивилни предизвици.

Програмата, која носи 3 ЕКТС-кредити, започна со онлајн подготвителна фаза во септември, а кулминираше со еднонеделни интерактивни работилници, симулации и теренски посети во Скопје. На неа учествуваат академици, експерти и студенти од Македонија, Шпанија и Австрија.

Програмата беше официјално отворена со обраќање на професорите кои ги истакнаа главните цели на оваа меѓународна соработка.

– Заедно со Универзитетот за применети науки во Каринтија и Универзитетот „Франциско де Виториа“, во просториите на Воената академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ испорачуваме специјална програма посветена на цивилното планирање за вонредни ситуации. Ова е дел од можностите за учење што ги нуди Алијансата. Студентите имаат можност да ги совладаат теоретските и практичните аспекти, да изведуваат вежби и индивидуална работа со професорите. Се работи за интердисциплинарна и мултикултурна програма која гради тимски дух. Покрај теоретскиот дел, студентите ќе остварат контакти со повеќе институции од областа на одбраната и ќе имаат конкретни вежби на терен – истакна проф. д-р Борка Тушевска од УГД.

Еден од клучните аспекти на оваа програма е вкрстувањето на различни науки и професии со цел создавање интегрирани планови за реакција.

– Суштината на овој курс е да им овозможиме на студентите да научат како да управуваат со вонредни ситуации преку холистички пристап. Ова значи дека младите луѓе имаат можност да соработуваат со колеги од сосема различни области – инженери, правници, уметници и студенти од економските науки работејќи рамо до рамо – изјави проф. д-р Едуардо Лапо од Универзитетот „Франциско де Виториа“ во Шпанија.

Во современиот свет безбедносните предизвици ретко доаѓаат изолирано. Студентите преку симулациски вежби заземаа улоги во кои треба брзо да реагираат на комбинирани закани.

– Живееме во исклучително предизвикувачко опкружување, особено од аспект на безбедноста. Затоа, оваа активност е директно насочена кон одговор и планирање поврзано со безбедносните ризици. Работиме на цивилно планирање со студенти кои доаѓаат од девет различни универзитети од цела Европа. Предизвиците се од различен карактер – обработуваме сценарија за блекнаут (целосен прекин на снабдувањето со енергија), аспекти на сајбер-безбедност и закани од поплави. Поентата е студентите да пронајдат соодветен одговор, бидејќи во реалноста една закана никогаш не доаѓа сама, туку е проследена со низа други компликации – истакна проф. д-р Југослав Ачкоски од Воената академија при УГД.

Учесниците во програмата ја истакнаа важноста на стекнувањето практични вештини за управување со кризи, кои можат да ги применат во своите идни професии и матични земји.

– Дел сум од AЦЕ програмата и учествувам во програмата за цивилно планирање за вонредни ситуации. Навистина сум љубопитен да научам како се управува со кризи, како од цивилен, така и од воен аспект. Очекувам да стекнеме практични знаења кои ќе ни бидат од голема корист – изјави студентот Флориан Вал од Универзитет за применети науки во Каринтија, Австрија.

Тобиас Зебер, пак, студент од Универзитетот во Инголштад, Германија, вели:

– Паралелно со студиите, работејќи во германската железница, сум ангажиран во Одделот за проектен менаџмент и планирање на инфраструктурата за карго-транспорт. Овој проект и искуството овде ми помагаат подобро да ги разберам процесите на планирање и организација во сложени услови.

Преку оваа програма, Универзитетот „Гоце Делчев“ уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон интернационализацијата, градењето капацитети за кризен менаџмент и создавањето заедници отпорни на современите ризици.