Преку меѓународна програма студенти од УГД учествуваа во меѓународни тимови за креирање на етикети за вино и кампањи за постоечки брендови.
Ѓорѓи, Мила и Гордана, студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, беа дел од програмата „Storytelling Labels: Interactive Creation for the World of Wine“ во Сантарем, Португалија.
Студентите посетиле винарија, истражувале за нејзината историја, професионално фотографирале, работеле на маркетинг и работа со аугментирана реалност (AR).
Мила Тодорова, студентка по новинарство, работела на текстот за етикетата. При посетата на винаријата, студентите слушнале за жена која по загубата на сопругот сама се грижела за своите деца и продолжила да работи. Нејзиното омилено место за одмор било летниковец опкружен со жолти цвеќиња. Токму таа приказна била инспирација за текстот кој бил креиран за етикетата на виното.
„Мојата улога беше да создадам приказна што ќе се најде на етикетата на виното, преку која потрошувачите ќе можат да се поврзат со неговата автентичност, да ја почувствуваат неговата уникатност и да ја откријат историјата што ја носи во секоја капка“, раскажува Мила Тодорова.
Студентските тимови создадоа интерактивни вински етикети со содржина која може да се види со скенирање на QR-код. Купувачите можеле да го скенираат кодот со телефон и да видат тридимензионална слика од винаријата.
За Ѓорѓи Карнатов, студент во четврта година на студиите по право, програмата била можност да работи на проект надвор од својата студиска област. Тој се запознал со примената на AR во брендирањето, како и со европските правила за означување на виното и дигиталните етикети.
„Научив како преку дигитално раскажување приказни може да се пренесат традицијата и квалитетот на еден производ директно до потрошувачот, но и колку е важна мултидисциплинарноста при решавање на реален бизнис-предизвик“, вели Ѓорѓи Карнатов.
Во меѓународните тимови, студентите ги поделиле задачите меѓу пишување, дизајн и фотографирање, комбинирајќи ги своите вештини за да го создадат финалниот производ.
Гордана Маврова, студентка во трета година на наставната насока на Филолошкиот факултет, најмногу ја запомнила посетата на винаријата во Сантарем. Нејзиниот интерес за Португалија, нејзината култура и музика бил и една од причините да се пријави на програмата.
„Од учеството стекнав многу нови знаења и дефинитивно добив многу поголема самодоверба“, споделува Гордана Маврова.


