Сантарем, Португалија и Рига, Латвија. Две различни мобилности, две непроценливи искуства, а исполнета една значајна цел – просперитет и успех!
Пишува: Мелани Иванова, студентка во трета година, Правни студии на Правен факултет
Во рамки на Европската универзитетска алијанса ACE2-EU реализирав две меѓународни мобилности, тематски насочени кон иднината на локалните заедници и трансформацијата на пазарот на трудот, од една страна и културното наследство во услови на современи општествени понуди, од друга страна, благодарение на кои имав можност за размена на знаења, интеркултурен дијалог и унапредување на современите образовни практики.
Преку теренски посети, истражувања, интерактивни предавања и анализи во согласност со потребите на тематиката, се истакнавме со иновативни предлог-решенија кои подоцна ги преточивме во финални продукти со потенцијал за придонес кон локалните заедници и нивниот одржлив развој.
ABC (Applied Blended Challenge) програмите овозможуваат работа во интернационални тимови преку кои не само што ги афирмираме нашите матични универзитети, туку стекнуваме компетенции кои ја надминуваат академската рамка, кои се однесуваат на тимска работа и комуникација кои доведуваат до способност за согледување на проблемите од различни перспективи.
Овие искуства се надоврзуваат на повеќето учества на национално ниво кои се одржаа на Правен факултет при УГД – Штип, создавајќи стекнување знаења, соработка и личен развој. Како претставник на истиот уште посилно ја препознав вредноста на Универзитетот „Гоце Делчев”, кој не е само што е место за професионално и лично надградување, туку претставува и отскочна штица за осознавање на светот и откривање нови хоризонти.
Посебно место низ моето академско патување имаат и професорите, чија поддршка, посветеност и поттик се силен ветер во грб за постигнување на уште поголеми научни подеми и надвор од формално образовниот процес.


