Search

КОНКУРС за доделување годишни признанија и награди за научноистражувачките резултати остварени во 2025 година

Споделете

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, согласно со Правилникот за доделување на годишни награди и признанија за научни активности, распишува интерен Конкурс за доделување признанија и награди за научноистражувачките резултати остварени во 2025 година.

Целта на Конкурсот е да се поттикнат и вреднуваат научната продуктивност, квалитетот и меѓународната видливост на научните публикации, цитатното влијание, научното лидерство и вклучувањето на младите истражувачи во научноистражувачката дејност.

1. Видови признанија и награди

Годишни признанија за научен придонес:

  • Признание за научен придонес;
  • Признание за истакнат научен придонес.

 

⃰Годишни награди:

  • Награда за научна продуктивност;
  • Награда за научен труд на студент од втор циклус;
  • Награда за научен труд на студент од трет циклус;
  • Награда за високо научно влијание;
  • Награда за високо научно влијание со лидерство;
  • Награда за исклучително научно влијание;
  • Награда за исклучително научно влијание со лидерство;
  • Награда „Научник на годината“.

 

За потребите на овој Конкурс, во категоријата студенти од втор циклус се вклучени и студентите на интегрирани студии од прв и од втор циклус, согласно со член 4 од Правилникот.

⃰1) Се доделуваат најмногу пет награди за научна продуктивност, и тоа:

  1. по една награда за секој од четирите кампуси на Универзитетот;
  2. една награда за придружната членка на Универзитетот.

Доколку во одреден кампус, односно во придружната членка, ниту еден кандидат не ги исполнува условите утврдени со Правилникот, наградата не се доделува.

2) и 3) –  На годишно ниво за се доделуваат најмногу пет награди, и тоа по една за секој од четирите кампуси на Универзитетот и една за придружната членка.

Доколку во одреден кампус, односно во придружната членка, ниту еден кандидат не ги исполнува условите утврдени со Правилникот, наградата не се доделува.

4), 5), 6) и 7) – За една научна публикација може да се додели само една награда за научно влијание, и тоа во највисоката категорија чии услови ги исполнува кандидатот кој има предност согласно со Правилникот.

Наградата за научно влијание со лидерство му се доделува исклучиво на авторот за кореспонденција со УГД афилијација.

8) На годишно ниво се доделува една Награда „Научник на годината“ на ниво на Универзитетот. Доколку ниту еден кандидат не ги исполнува минималните услови од овој член, Наградата „Научник на годината“ не се доделува.

2. Услови за пријавување

Право на годишните признанија за научен придонес имаат наставниците, соработниците и студентите на Универзитетот.

Право на годишните награди имаат наставниците и соработниците на Универзитетот, со исклучок на наградите за научен труд на студент од втор и трет циклус, за кои право на пријавување имаат кандидатите што ги исполнуваат условите утврдени со Правилникот.

Предмет на вреднување признанијата и наградите се научните публикации објавени во 2025 година, индексирани во Scopus и/или Web of Science Core Collection, со наведена афилијација на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, согласно со Упатството за употреба на афилијацијата на УГД.

Се вреднуваат типовите научни публикации утврдени во член 4 од Правилникот.

Условите, критериумите и начинот на вреднување на научните публикации за секој вид признание и награда се утврдени со Правилникот за доделување на годишни награди и признанија за научни активности на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

3. Начин и рок на пријавување

Пријавувањето се врши исклучиво електронски, преку соодветните пријави:

Пријава за годишни признанија за научен придонес: [ Пријава за годишно признание за научен придонес – Fill out form ]

Пријава за годишни награди за научноистражувачка дејност: [ Пријава за годишни награди за научно-истражувачка дејност – Fill out form ]

Кандидатите кои се пријавуваат и за признанија и за награди ги пополнуваат двата електронски обрасци.

Во електронската пријава се внесуваат потребните податоци за кандидатот и научните публикации и се доставуваат директни линкови до публикациите од авторскиот профил на кандидатот во избраната цитатна база.

За секоја научна публикација кандидатот избира една цитатна база, Scopus или Web of Science, преку која ја пријавува публикацијата. За иста публикација избраната база мора да биде иста во сите пријави на кандидатот.

Краен рок за електронско пријавување е 21-28.10.2026 година, до 24:00 часот.

4. Евалуација и објавување на резултатите

Евалуацијата на пријавите ја спроведува Комисијата за наставна и научна дејност на Универзитетот, согласно со критериумите и методологијата утврдени со Правилникот.

Референтен датум за проверка на библиографските и библиометриските податоци е 30.10.2026 година.

На овој датум се утврдуваат релевантните показатели за вреднување, вклучувајќи ги квартилот на списанието, бројот на цитати, цитатното влијание, авторската позиција, кореспондентното авторство и афилијацијата.

Прелиминарната листа на предложени добитници ќе биде утврдена на 30.10.2026 година и доставена по електронски пат до сите пријавени кандидати, со вклучување на членовите на Комисијата.

Кандидатите имаат право да поднесат приговор во рок од два работни дена (2 и 3.10.2026 година до 16:00 часот).

Приговорите се поднесуваат по електронски пат, со одговор до сите приматели на електронската порака со која е доставена прелиминарната листа, односно до пријавените кандидати и членовите на Комисијата.

Приговорите може да се однесуваат на исполнетоста на условите, примената на критериумите и точноста на податоците користени при евалуацијата.

Комисијата ќе ги разгледа поднесените приговори и ќе достави образложени одговори по електронски пат до 4.11.2026 година.

По разгледувањето на приговорите, Комисијата ќе ја утврди конечната листа на предложени добитници на 4.11.2026 година и ќе ја достави до ректорот на Универзитетот, заедно со Извештајот од спроведената постапка.

Одлуката за доделување на признанијата и наградите ја донесува ректорот, согласно со Правилникот.

5. Свечено доделување

Свеченото доделување на годишните признанија и награди за научноистражувачка дејност за 2025 година ќе се одржи на 10 ноември 2026 година, по повод Светскиот ден на науката за мир и развој.

Дополнителни информации за свеченоста ќе бидат испратени до кандидатите.

 

Датум на објавување: 21.10.2026 година

Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип