Search

Студентите од УГД преку ACE2EU работеа на решавање предизвици со јавниот превоз во Каунас, Литванија

Споделете

Студенти од Факултетот за медицински науки учествуваа на меѓународна мобилност во Каунас, Литванија. Во рамки на програмата „Mobility Implementation in Sustainable Smart Cities“ студентите работеа во меѓународни тимови на решенија за подобро движење низ градот.

Еден од разработените концепти, „The Green Gateway District“, имал за цел да го направи патот од железничката и автобуската станица до центарот на Каунас еколошки подобар и попристапен. Широките сообраќајници, долгите премини и недостигот од сенка го отежнувале движењето.

„Планот го поделивме во три фази: брзи промени за шест месеци, изградба за една до две години и целосен хаб со Rail Baltica“, објаснува Миа Стојановска, студентка во петта година на општа медицина на УГД.

Во рамки на работата биле разгледани и начини за подобро поврзување на железничкиот и автобускиот превоз со градскиот превоз, велосипедите и електричните тротинети.

„Сакавме да понудиме решение што ќе го направи движењето низ градот поедноставно, поудобно и поодржливо“, вели Марија Донева.

Планот бил презентиран пред организаторите од универзитетот во Литванија и другите учесници. Идеите добиле позитивни реакции од локалните жители, кои се надевале дека дел од нив ќе се реализираат во иднина.

За Надица Арсовска, студентка во четврта година на општа медицина, мобилноста била можност да стекне поголема самодоверба во работата на нови задачи и споделувањето идеи. Работењето на реален урбан проблем ѝ покажало и како пристапноста и квалитетот на јавниот простор се поврзани со здравјето и благосостојбата на луѓето.

„Работењето во меѓународен тим ми овозможи да се запознаам со различни перспективи, да учествувам во дискусии и заеднички да барам решенија за конкретен урбан проблем“, споделува Надица Арсовска.