Во рамките на ACE2EU алијансата оваа недела на УГД започна школата насловена „Функционална храна: Кога науката се спојува со биоекономијата и креира здрав животен стил“.
Како главен носител е Факултетот за земјоделски науки, а се одржува на повеќе локации со многу теоретска и практична настава.На овој курс се присутни студенти, истражувачи и претставници на бизнис секторот кои имаат за цел во текот на оваа седмица да решаваат реални проблеми од агроиндустријата.
По успешно завршената онлајн фаза која започна на 5 октомври, учесниците имаат многу практична работа во универзитетската лабораторија UNILAB, каде што се вршат детални физичко-хемиски анализи.
Значајна компонента на програмата се теренските посети на истакнати домашни компании. Студентите остварија директен контакт со индустриските процеси преку посетата на Винаријата „Кукутанов“, каде што се запознаа со предизвиците во винарството, како и компаниите за производство на масло „Агрофила“ и „Витаминка-Брилијант“.
Носител на програмата е Универзитетот „Гоце Делчев“, а се реализира со партнерските универзитети во рамките на Алијансата – Универзитетот „Франциско де Виторија“ во Шпанија и Политехничкиот универзитет во Сантарем, Португалија. Програмата носи 3 ЕКТС-кредити и сертификат за учество.
Преку спојот на виртуелното учење, лабораториските истражувања и соработката со локалните производители, УГД продолжува цврсто да ја позиционира научната мисла во служба на развојот на одржливиот агропрехранбен сектор и промоцијата на младите кадри.


