На Економскиот факултет се одржа гостинско предавање на Наташа Велковска, директорка на агенцијата „Represent Communications Macedonia“.
Настанот, кој беше организиран по иницијатива на проф. д-р Тамара Јованов Апасиева, имаше за цел да им овозможи на студентите директен увид во тоа како теоретските концепти од областа на маркетингот се применуваат во реалниот бизнис.За време на предавањето, преку анализа на конкретни кампањи, беа опфатени клучни теми како дефинирање на целни публики, креирање на профил на персона во различни индустрии, соодветно градење стратегија, како и сè поактуелната улога на вештачката интелигенција во современиот маркетинг.
Директорката на „Represent Communications Macedonia“, Наташа Велковска, го истакна значењето на ваквите средби за премостување на јазот помеѓу академското образование и пазарот на труд.
„Целта е да им доловиме на студентите како теоретските знаења што ги стекнуваат на факултет, всушност, функционираат во реалниот свет на една маркетинг-агенција. Покрај теоријата, реализиравме и практична работилница која треба да им покаже што би се очекувало од нив доколку се вработат на јуниорска позиција. Вредно е да се напомене дека денешните студенти имаат поинакви размислувања, токму поради тоа што вештачката интелигенција им отвора нови видици. За нас како компании овие предавања се одлична можност да ги запознаеме идните колеги, а отворени сме и за понатамошна соработка и практична ангажираност на студентите“, истакна Велковска.
Таа истакна дека е од исклучително значење што Економскиот факултет континуирано ги поврзува студентите со практичарите од реалниот сектор.
„Економскиот факултет во Штип е постојано ангажиран да им овозможи на студентите пристап до реалниот сектор. Факултетот е оној што нè учи како правилно да размислуваме, а кога го имаме тој начин на размислување, многу полесно се вклучуваме во работниот процес“, додаде таа.
Студентите ја поздравија оваа иницијатива, подвлекувајќи дека директната комуникација со стручњаци од практиката им дава јасна визија за нивната идна кариера.
„За нас како студенти е исклучително важно да го поврземе образованието со реалниот сектор. Вклучувањето на експерти ни помага да стекнеме поголема самодоверба и да добиеме појасна слика за тоа што нè очекува по завршувањето на студиите. Преку конкретни примери гледаме како организациите се соочуваат со предизвиците, како и колку успехот зависи од добрата организација, тимската работа и донесувањето одлуки. Посебно е корисно кога гледаме како академијата и стекнатото образование навистина се применуваат во пракса“, изјави Стефанија Ефтимова, студентка на Економски факултет.
Со ваквите активности, Економски факултет уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон градење конкурентни кадри подготвени за сите предизвици на современиот пазар на труд.


