Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип го одбележа 10 ноември – Светски ден на науката за мир и развој со доделување награди и признанија на професори и студенти кои во текот на 2025 година оствариле значајни резултати во научноистражувачката дејност.
Наградата „Научник на годината“ му беше доделена на проф. д-р Сашо Коцевски, проректор за настава на УГД.На свеченоста беа доделени вкупно 15 награди за посебен придонес во научното истражување, како и признанија за научните работници и студентите чии трудови биле објавени во реномирани меѓународни научни списанија.
Награди за научен придонес за 2025 година, покрај проф. д-р Сашо Коцевски, добија:
- за исклучително научно влијание – Ивица Смоковски, Сашо Коцески, Александар Петровски;
- за високо научно влијание – Викторија Максимова, Александра Милева, Рада Грубовиќ Растворцева, Данче Василева, Ивица Смоковски, Зоран Златев;
- за научна продуктивност – Рубин Гулабоски, Сашка Јовановска, Александар Петровски;
- за научен труд за студент од трет циклус – Маја Кукушева-Панева и Мишко Милев.
Ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, истакна дека Универзитетот не е само институција која ги пренесува научните знаења, туку и активно учествува во нивното создавање.
„Денес го одбележуваме Светскиот ден на науката и покажуваме дека можеме не само да ја следиме науката, туку и да ја создаваме. Чувството дека еден универзитет, покрај пренесувањето на научните знаења, е дел од системите што ги создаваат тие знаења, претставува големо задоволство“, истакна Мираковски.
Тој нагласи дека особено е значајно што научните резултати на УГД се препознаени и вреднувани во меѓународната академска заедница, преку публикации во списанија со високо рангирање, чии научни трудови ги оценуваат меѓународни уредувачки и рецензентски одбори. На наградените им честиташе за постигнатите резултати, посакувајќи им уште поголеми успеси во научната работа.
За конкретните научни резултати на Универзитетот во 2025 година говореше проректорката за наука, проф. д-р Зденка Стојановска, која информираше дека е забележан пораст од 20 проценти на бројот на научни публикации во споредба со 2024 година.
Особено значајно е што растот не се однесува само на бројот, туку и на квалитетот на научната продукција. Имено, 44 проценти од публикациите во 2025 година се објавени во научни списанија рангирани во првиот и вториот квартил (Q1 и Q2), додека половина од публикациите се резултат на меѓународна научна соработка.
„Не го вреднуваме само бројот на публикации, туку и нивниот квалитет, научното влијание изразено преку цитираноста, како и научното лидерство – прв автор на публикација и автор за кореспонденција“, посочи Стојановска.
Таа нагласи дека една од значајните цели на Универзитетот е вложувањето во младите истражувачи. Во таа насока, од вкупно 15 награди за 2025 година, две им се доделени на студенти на трет циклус студии.
„Веруваме дека со вложување во науката вложуваме во иднината на Универзитетот, но исто така и во иднината на општеството“, истакна проректорката за наука.
Наградата „Научник на годината“ за 2025 година ја доби проф. д-р Сашо Коцевски, проректор за настава на УГД, кој во своето обраќање нагласи дека науката бара љубов, посветеност, трпеливост, истрајност и постојана самокритичност.
„Науката е еден од основните двигатели на општествено-економскиот развој и на развојот на човештвото во целост. Таа не е професија што се работи на норма, туку активност на која треба да ѝ се посветиме со љубов и истрајност. Јас својот живот со љубов ѝ го посветив на науката и никогаш не сум се покајал за тоа“, рече Коцевски.
Осврнувајќи се на условите за научноистражувачка работа, тој посочи дека, особено во експерименталните науки, неопходни се современа опрема, лаборатории и соодветна инфраструктура, но дека вистинската вредност ја создаваат луѓето – нивните знаења, вештини, креативност и способност за тимска работа.
Коцевски изрази задоволство што на УГД се формираат сè повеќе научноистражувачки тимови и што во нив активно се вклучуваат млади истражувачи, оценувајќи го тоа како основа за создавање силно научноистражувачко јадро и поголема меѓународна видливост на Универзитетот.
Наградата „Научник на годината“, како што истакна, ја доживува и како признание за заедничката работа со неговите колеги и младите истражувачи.
„Ова признание не е само моја лична награда. Би сакал да им го посветам на сите научни соработници со кои работам, а пред сè на младите истражувачи со кои секојдневно работиме во лабораторија, споделувајќи иста љубов, визија и верба дека преку науката можеме да направиме нешто вредно и да оставиме траен белег. Тие се иднината на нашиот Универзитет“, истакна Коцевски.
Меѓу наградените е и проф. Мишко Милев од Факултетот за медицински науки, кој е на трет циклус студии на УГД. Наградата ја доби за научен труд објавен во „British Journal of Nutrition“, меѓународно научно списание рангирано во Q1 квартилот.
Милев посочи дека објавувањето научен труд во реномирано списание е процес што бара долгогодишна работа, посветеност и истрајност, поради што секое признание претставува значајна потврда за вложениот труд.
„Она што ми е особено важно е дека нашиот труд е целосно реализиран со ресурсите што ги овозможува Универзитетот ‛Гоце Делчев‛ – Штип. Тоа е уште еден показател дека можеме да се носиме со науката и со поразвиените земји во објавувањето научни трудови“, истакна Милев.
Неговите научни истражувања се во областа на биомедицината, со фокус на влијанието на правилната исхрана врз генетското здравје и можностите преку исхраната да се придонесе за негово подобрување. Тој нагласи дека ваквите признанија се дополнителен мотив за продолжување на научната работа и постигнување уште подобри резултати.
Награда за научноистражувачката работа доби и Маја Кукушева-Панев, студентка на трет циклус студии на УГД, која ова признание го добива по вторпат. Нејзината област на истражување е математичкото моделирање на заразни болести, со примена на математички модели за следење на нивното ширење и предвидување на текот на епидемиите.
Нејзините истражувања опфаќаат моделирање на повеќе заразни болести, меѓу кои туберкулозата и грипот, при што моделите се приспособени на податоците и специфичностите за Македонија. Делот што се однесува на предвидувањето на текот на болеста досега го применувала во истражувања поврзани со КОВИД-19.
„Придобивките од ваквите истражувања се големи. Доколку имаме заразна болест што почнува да се шири и располагаме со достапна база на податоци од почетната фаза, можеме да го предвидиме правецот во кој ќе се движи ширењето на болеста и можниот исход“, истакна Кукушева-Панев.
Одбележувањето на Светскиот ден на науката и доделувањето на признанијата претставуваат потврда за научните достигнувања на академската заедница на УГД, но и поттик за понатамошно унапредување на научноистражувачката работа, меѓународната соработка и вклучувањето на новите генерации истражувачи во создавањето научни знаења.


