Search

Успешно завршена обуката „Управување и надзор во безбедносниот сектор“ во организација на Центарот за доживотно учење при УГД

Споделете

Во тренинг-центарот на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип се одржа последната, дванаесетта сесија од акредитираната програма „Управување и надзор во безбедносниот сектор“, со што и официјално заврши овој успешен двомесечен циклус на обуки. Програмата е реализирана од страна на Центарот за доживотно учење при УГД, во соработка со меѓународната организација ДИКАФ од Женева.

По повод завршувањето на програмата, проф. д-р Борка Тушевска ја истакна важноста на овој хибриден концепт на обучување што ги спојува теориите и долгогодишното искуство на експертите од практиката.

„Денес сме присутни во тренинг-центарот на Правниот факултет, каде што се спроведува последната сесија од циклусот предавања под наслов ‛Управување и надзор во безбедносниот сектор‛, програма што е акредитирана во рамки на Правниот факултет, а ја изведува Центарот за доживотно учење при Универзитетот ‛Гоце Делчев‛ во Штип. Станува збор за хибридна програма покриена од страна на професори, теоретичари и експерти од практиката кои имаат долгогодишно искуство во областа на обучувањето и надзорот во безбедносниот сектор“, истакна проф. д-р Тушевска.

Низ изминатите два месеци, преку комбинација од онлајн сесии и предавања со физичко присуство, беа опфатени клучни теми од оваа област.

„Последните предавања ги посветивме на поимот и концептот на класифицираните информации, на надзорот во безбедносниот сектор и на човековите права, со што заокруживме фактички 12 предавања по ред. Праксата потврди дека програмата беше солидно конципирана, овозможувајќи им на студентите, медиумите и невладиниот сектор значително да ги зголемат своите знаења и компетенции“, додаде таа.

На завршната сесија беа доделени сертификати за стекнатите компетенции на учесниците, како и признанија за обучувачите за нивниот особен придонес. Нагласувајќи ја важноста на концептот на доживотно учење како законска категорија која носи големи бенефиции во пракса, проф. д-р Тушевска најави дека Универзитетот и понатаму ќе продолжи со отворање можности за микроквалификации.

„Ние ќе настојуваме и понатаму, покрај редовните курикулуми, да објавуваме огласи за учество на вакви микроквалификации, каде што сите заинтересирани од одредена област ќе можат да го прошират своето знаење преку едномесечни, двомесечни курсеви или пократки обуки, во зависност од капацитетите и заинтересираноста“, истакна проф. д-р Борка Тушевска.