Search

Од лабораторија до производство: УГД ги поврзува науката, младите и земјоделските производители во развојот на одржливо земјоделство

Споделете

Со отворени лаборатории за средношколците и работилница посветена на дигиталните решенија за одржливо земјоделско производство, Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип ги заокружи трите дена активности посветени на младите, науката, истражувањата и иновациите во земјоделството, под мотото „Од лабораторија до производство: наука, дигитална технологија и одржливо земјоделство“.

Завршниот ден опфати две тематски целини – „Отворени лаборатории – Науката низ практична работа“ и работилницата „Дигитални решенија за одржливо земјоделско производство“. Целта беше да се поврзат академската заедница, образовните институции, земјоделските производители, стручните и советодавните служби, локалната самоуправа и приватниот сектор, преку размена на знаења, искуства и добри практики за примена на современите технологии во земјоделството.

Деканката на Земјоделскиот факултет, проф. д-р Емилија Арсов, истакна дека со отворањето на лабораториите факултетот им овозможува на средношколците непосредно да се запознаат со научноистражувачката работа, да изведуваат практични вежби и да го развиваат интересот за науката.

„Целта на факултетот е да им овозможи на средношколците да ги изведат своите практични лабораториски вежби и да ја поттикнеме љубовта кон науката и истражувањето. На матурантите им ја претставивме и можноста своите проектни задачи да ги изработуваат во лабораториските капацитети на Земјоделскиот факултет“, посочи Арсов.

Таа нагласи дека младите треба да се запознаат и со современите текови во земјоделското производство, кое сè повеќе се потпира на дигитални алатки и иновативни методи. Во тој контекст, средношколците имаа можност да се дружат со студентите на факултетот и да се запознаат со можностите што ги нуди современото земјоделство.

Вториот дел од активностите беше посветен на дигитализацијата и примената на новите технологии во земјоделското производство, во рамките на работилницата организирана преку проектот „АгриЕксел“, финансиран од програмата „Интеррег Европа“ на Европската Унија. Општина Кочани е водечки партнер во проектот, а Земјоделскиот факултет е вклучен како стручна и научна поддршка.

Елена Димитровска од Општина Кочани посочи дека работилницата е можност да се споделат позитивните искуства и добрите практики од примената на дигиталните решенија во сточарското и растителното производство, стекнати во рамките на студиските посети на проектот.

„Не може да очекуваме модерно и одржливо земјоделство да се развива изолирано. Потребна е тесна соработка меѓу локалната самоуправа, факултетот, приватните компании и земјоделците. Кога општината поддржува и реализира европски проекти, факултетот нуди експертиза и иновации, приватните компании развиваат дигитални решенија, а земјоделците ги применуваат во практиката, тогаш создаваме одржлив систем што може да придонесе за економскиот развој на целиот регион“, истакна Димитровска.

Проф. д-р Димитар Наков од Земјоделскиот факултет нагласи дека една од главните цели е искуствата и добрите практики забележани во европските земји да се пренесат и применат на локално ниво. Според него, младите се важен двигател на иновациите, но за успешна дигитална трансформација неопходно е во процесот активно да бидат вклучени и земјоделските производители и советодавните служби.

„Ќе се обидеме искуствата од студиските посети во рамките на проектот да ги пренесеме на локално ниво. Младите луѓе се двигатели во секој сектор, вклучително и во земјоделството, бидејќи тие се оние што ќе ги прифатат новите иновации и ќе ги претворат во решенија за одржливо земјоделско производство. Важно е новите технологии, вклучително и вештачката интелигенција, да станат подостапни за земјоделците“, истакна Наков.

Тој додаде дека примената на новите технологии е процес што бара време, соработка и континуирана поддршка, но дека искуствата од европските земји треба да се пренесат до производителите и постепено да станат дел од секојдневната земјоделска практика.

За конкретните придобивки, но и предизвици при воведувањето на дигитализацијата во земјоделското производство, говореше и Бубе Трајковски, сопственик на трговското друштво за производство и трговија со семиња и житни култури ТД ДЗП „Клечовце“ во Куманово. Тој посочи дека компанијата обработува 1.050 хектари земјоделско земјиште и дека примената на современите технологии е неопходна за развој и приспособување кон климатските промени.

Како конкретен пример ја посочи примената на дигитална сеалка со навигациски систем, која овозможува прецизно сеење и автоматско исклучување на системот на површините што веќе биле засеани.

„Во нашата фирма уште од 2018 година имаме набавено сеалка и прскалка што можат да работат со навигација. Дури оваа година, по неколку години, успеавме системот да го ставиме во функција. Сеењето се изврши со дигитална сеалка, при што навигацијата автоматски го исклучува системот на местата каде што веќе е извршено сеење. Тоа е новиот тренд за кој зборуваме, но за да се постигне потребни се многу труд, работа, научна поддршка и, секако, финансиски средства“, истакна Трајковски.

Тридневната програма на Земјоделскиот факултет уште еднаш ја потврди важноста на поврзувањето на образованието, науката и практиката. Преку вклучувањето на младите, размената на европски искуства и непосредното претставување на современите технологии, УГД и Земјоделскиот факултет ја потврдуваат својата улога во поттикнувањето на иновациите и развојот на современо и одржливо земјоделско производство.