Во четврток, на 19 ноември 2026 година, со почеток во 19 часот, доцент д-р Огненка Герасимовска-Димитровска ќе одржи солистички пијанистички рецитал во Безистенот во Штип по повод 25 години концертна дејност.
Јубилејниот концерт е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.
Д-р Огненка Герасимовска-Димитровска е македонска концертна пијанистка, универзитетска професорка и научна истражувачка во областа на музичките уметности, со долгогодишно и континуирано професионално искуство во концертната изведба, високото и средното музичко образование и научноистражувачката дејност. Нејзината работа претставува спој на уметничка интерпретација, академска експертиза и посветеност на развојот и афирмацијата на македонската музичка култура.
Во моментов работи како доцент на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Во периодот од 2007 до 2026 година работи како професорка по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје и како хонорарна музичка соработничка на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Нејзиното професионално искуство вклучува и ангажман како визитинг-професорка по пијано на Националниот конзерваториум за музика во Ерусалим, Израел, во 2011 година, како и наставен ангажман на Факултетот за уметности при Државниот универзитет во Тетово.


