Мобилностите преку европската универзитетска алијанса ACE²-EU им овозможуваат на студентите да стекнат нови знаења, да запознаат различни култури и да разменат искуства со колеги од повеќе европски земји. Еден од нив беше студентот Андреј Јосифовски од Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип неодамна учествуваше на проектот Leisure Sports Activities: From Adventure to Responsibility in Promoting and Sustaining a Healthy Lifestyle, во Таргу Жиу, Романија.
Што ве мотивираше повторно да аплицирате за мобилност поврзана со активно стареење?
„Оваа мобилност во Таргу Жиу претставуваше моја втора мобилност на тема активно стареење. Најголема причина за повторното аплицирање беше насловот на проектот, бидејќи темата е тесно поврзана со мојата струка како физиотерапевт. Сакав да увидам какви се разликите во пристапот и погледите кон активното стареење помеѓу Шпанија, каде што претходно учествував на сличен проект, и Романија. Моја цел беше стекнатото искуство да го споделам со колегите во Македонија и да придонесам кон подигнување на свеста за важноста на оваа тема.“Какво значење има меѓународното искуство за студентите?
„Доколку студентот има отворен став ги прифаќа културните разлики, прима совети, учи од сопствените грешки и истовремено ги споделува своите мислења и ставови, тогаш меѓународното искуство претставува бесценет извор на мотивација и личен развој. Ваквите мобилности помагаат во градењето нови пријателства, професионални контакти и дополнително го збогатуваат CV-то на секој студент.“Главната цел на проектот беше да се покаже колку големо значење има физичката активност во раната старост. Во комбинација со правилна исхрана таа овозможува поголема независност, подобар квалитет на живот и максимална мобилност во подоцнежните години. Андреј вели дека како иден здравствен работник, особено му било интересно да ги следи различните пристапи што се применуваат во европските земји. Која е вашата порака до студентите на УГД?
„Ги охрабрувам сите студенти на УГД да ги следат повиците за мобилност и внимателно да ги разгледаат сите достапни можности. Темата на проектот не мора секогаш директно да биде поврзана со вашата студиска програма за да добиете значајно искуство. Аплицирајте, патувајте, запознавајте нови луѓе и култури и искористете ја секоја можност за личен и професионален развој. Ваквите искуства оставаат траен белег и претставуваат значаен чекор во градењето на идната кариера.“Мобилностите во рамки на ACE²-EU продолжуваат да отвораат нови хоризонти за студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, овозможувајќи им стекнување знаења, вештини и искуства кои се значајни за нивниот академски и професионален развој.


