Во рамките на активностите од членството на УГД во Европската алијанса на универзитети „ACE²-EU“ се одржа информативна средба за работниот пакет 2. Според проф. д-р Борка Тушевска од Правниот факултет, средбата е организирана за потребите на работниот пакет број 2. Улогата на овој работен пакет во рамките на алијансата е во суштина создавањето на таа педагошка фабрика од каде што треба да произлезат на еден подолг рок повеќе кратки програми и кратки курсеви кои се во рамките на микроквалификација, microcredential во рамките на алијансата.
– Денешната средба има за цел врз база на претходен интерен повик од работниот пакет број 2 да се пријават експерти од Универзитетот „Гоце Делчев“, значи наши кадровски капацитети да пријават заинтересираност за да се пријават на активност. Целта беше не да направиме една анализа, да ги мапираме нашите кадровски ресурси и да ги искористиме во рамките на активностите на алијансата во областите каде што најмногу ќе дадат придонес – изјави проф. д-р Тушевска.
Според неа, овие активности се во чекор и насока на она што се случува во Европа во поглед на делувањето на универзитетите.
– Моето искуство и мојата перцепција, која мислам дека е прилично реална, микроакредитацијата и микроквалификацијата е нешто кон што се движи цела Европа. Во светски рамки, не само во европски, универзитетите работат во две смени. Прва смена реализираат акредитирани студиски програми, а втора смена буквално функционираат микроуниверзитети во универзитет. Тоа подразбира кратка строга специјализација, односно микроквалификација за одредена област. Ние, всушност, преку овие програми кои Европа ги поддржува, а и универзитетите во пракса ги поддржуваат, да се изберат компетентни луѓе, луѓе кои имаат волја да работат и да се вклучат со своја експертиза за да може да се направи една програма која ќе трае еден месец, две недели, пет дена, меѓутоа ќе биде сублимат на еден теоретски и практичен дел, но од луѓе кои докторирале во таа област, луѓе кои имаат практична експертиза од таа област, со инволвирање на лаборатории, друга инфраструктура – вели Тушевска.
– Во последните 10 до 15 години и во делот на високото образование се сменија работите и потребите, ми се чини од претходните 30 години. Високото образование бара нови, иновативни, практични методи. Што значи тоа, студентите сѐ повеќе избегнуваат – дали под влијание на дигитализација или новата технологија – сѐ повеќе избегнуваат да читаат книги со по 200, 300 страници, повеќе се фокусираат на иновативни, кратки педагошки методи што подразбира чек листи, кратки текстови, вклучување на културни настани, аудиовизуелни клипови, филмови, влез во лабораторија, зависно од спецификата на програмата. Високото образование мора да се концентрира на едуцирање на студентите на решавање на конкретни проблеми. Европа и пазарот во Европа бара еден академски бекграунд од одредена област, може да биде право, економија, информатика, машинско производство, компјутерски науки, меѓутоа да има одредени микроквалификации од некои други струки. На пример, економист да знае информатика во одреден сегмент – смета проф. д-р Тушевска.
Според неа, со ова ние решаваме и еден друг предизвик, затоа што во наредните четири па и повеќе години на УГД треба да дојдат преку 300-400 студенти на една, две недели, на десетина дена. Тоа се потенцијални можности за соработка, за joindegree во делот на втор и трет циклус на студии. Значи кога гледаме низ призмата на одржливост, Алијансата е можност и професорите и студентите и административно-техничкиот кадар, сите да растеме и да придонесеме заедно за прогрес на Универзитетот.