Во периодот од 20 до 21 април 2026 година, во рамки на конференцијата „Connecting Policy and Practice: What’s Next for Higher Education in Erasmus+“, организирана од European University Foundation, учествуваа проф. д-р Ана Никодиновска Крстевска, проректорка за меѓународна соработка, и проф. д-р Борка Тушевска Гавриловска, раководителка на Одделението за доживотно учење при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.
Конференцијата собра повеќе од 50 членки на Европската универзитетска фондација и над 30 претставници на релевантни институции и организации, кои дискутираа за идниот програмски период 2028–2034 г. и препораките за понатамошен развој на програмата Еразмус+. Во фокусот на дискусиите беа зголемувањето на буџетот на Еразмус+ на најмалку 47 милијарди евра, унапредувањето на инклузивноста, дигитализацијата и поддршката за зелено патување.
Особено значајна за Универзитетот била панел-дискусијата посветена на иднината на европските универзитетски алијанси, имајќи предвид дека стратешката определба за интернационализација активно се реализира преку Алијансата ACE2EU.
Во рамки на посетата, делегацијата на УГД остварила средба и со Зулфи Исмаили, амбасадор и шеф на Постојаната мисија на Република Северна Македонија при Европската Унија во Брисел. На средбата се разговарало за можностите за унапредување на соработката во рамки на постојниот Меморандум за соработка, како и за потребата од поактивна улога на државата во промоцијата и интеграцијата на македонските високообразовни институции во единствениот европски образовен простор.
Од Универзитетот посочуваат дека стекнатите сознанија, разменетите искуства и воспоставените професионални контакти претставуваат значајна основа за понатамошно унапредување на меѓународната соработка на УГД.


