Search

Министерката Весна Јаневска во работна посета на Универзитетот „Гоце Делчев“ – фокус на квалитетот во високото образование

Споделете

Mинистерката за образование и наука, Весна Јаневска, денес оствари работна посета на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, при што се одржа состанок со раководството на Универзитетот и релевантни локални чинители. Во фокусот на средбата беа актуелните предизвици и насоки за унапредување на квалитетот во високото образование, како и подготовката на нови законски решенија.

Ректорот на Универзитетот, проф. д-р Дејан Мираковски, истакна дека средбата била посветена на клучни теми од високото образование, особено во контекст на најавените законски измени.

Денес имаме чест да оствариме работна средба со министерката за образование и наука, на која дискутиравме за теми од областа на високото образование со фокус на подобрување на неговиот квалитет, во светло на новите законски измени кои се подготвуваат. Тоа е процес кој е исклучително важен за универзитетите и кој ќе ни овозможи да ги постигнеме резултатите што општеството ги очекува од нас – подобар квалитет на образованието и посилен сервис на универзитетите кон општеството“, изјави Мираковски.

Министерката Јаневска оцени дека средбата во Штип била конструктивна и плодотворна, при што биле отворени прашања поврзани со три клучни закони што се во подготовка.

Разговаравме за подигање на квалитетот во високото образование преку подготовката на Законот за високо образование, Законот за квалитет во високото образование и Законот за научноистражувачка дејност, со цел усогласување околу значајни елементи кои ќе придонесат за унапредување на универзитетите и за корист на општеството, преку одлична едукација на студентите“, нагласи Јаневска.

Таа посочи дека академскиот кадар досега покажува високи перформанси и дека Владата презела конкретни чекори за нивна мотивација.

Драстично ги зголемивме платите на универзитетските професори и од комуникацијата со нив знам дека тие се задоволни. Тоа е еден дел од мотивацијата, но дополнителен мотив ќе бидат и јасно прецизираните критериуми во новиот Закон за високо образование, кои ќе мора да се исполнат за избор во повисоки звања“, изјави министерката.

Јаневска додаде дека новите законски решенија ќе стават акцент и на научноистражувачката работа, објавувањето во релевантни меѓународни списанија и вклучувањето на студентите во истражувачките процеси. Таа потсети дека минатата година биле одобрени 45 научноистражувачки проекти на универзитетите и јавните институти, кои се во тек и треба да придонесат за понатамошен развој на науката, како и за формирање стартапи и иновациски хабови во рамки на универзитетите.

Работната посета беше оценета како значаен чекор кон зајакнување на соработката меѓу Министерството за образование и наука и Универзитетот „Гоце Делчев“, со заедничка цел – унапредување на квалитетот на високото образование и неговиот придонес кон општествениот развој.