Со особена радост ве покануваме на концертот на студентите на Музичка академија при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип кои за првпат ќе настапат со целовечерен концерт на 49. издание на фестивалот „Денови на македонска музика“.
На програмата се дела од композиторите: Т. Прокопиев, Д. Ѓаконовски-Шпато, Љ. Бранѓолица, Т. Зографски, Б. Цанев, Г. Коларовски и В. Велковска-Трајановска, а ќе настапат студентите: Јана Николовска – пијано, Лина Петрова – виолина, Иван Богатинов – виолина, Марко Србиновски – тенор, Кирил Тасев – флејта и Давид Петрушев – кларинет.
„Денови на македонска музика“ е најстариот музички фестивал на чиј подиум се промовираат најновите достигнувања на македонските композитори, творештвото на сите генерации композитори. Токму поради своето значење фестивалот „Денови на македонска музика“ е еден од двата фестивали што сите изминати години се одржуваат под покровителство на Претседателот, а се реализира со поддршка на Министерство за култура. Фестивалот е во организација на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ, селектор на програмата е композиторката Бојана Петровиќ-Алексова.
Концертот ќе се одржи во вторник, со почеток во 20:00 часот, во Салата „Империјал“ при НУ Опера и балет, влезот е слободен.



