Search
|     contact@ugd.edu.mk

Осмо издание на „Предизвиците  на туризмот и бизнис логистиката во 21 век“ на ФТБЛ

Споделете

Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип по осми пат ја организираше Меѓународната научна конференција „Предизвиците  на туризмот и бизнис логистиката во 21 век“. ФТБЛ токму преку вакви конференции успешно го поврзува и усогласува високото образование со современите барања на економијата и општеството, држејќи чекор со сите важни достигнувања.

На свеченото отворање на Конференцијата, покрај деканката на ФТБЛ, проф. д-р Татјана Бошков, се обратија и министерот за култура и туризам Зоран Љутков, заменикот министер за финансии Николче Јанкуловски и потпретседателот на Стопанска комора Драган Пехчевски.

 – Оваа година Конференцијата ја започнавме со една панел-сесија која се однесува на глобалната динамика и проспектите за економски раст, каде што правиме преглед на состојбите во бизнисот, туризмот, економијата, културата и културното наследство. Впрочем и пристигнатите трудови се, исто така, од овие области и сметаме дека дадовме една успешна анализа и преглед на состојбите во туризмот, културата, со што на претставниците на министерствата кои се со нас им даваме сознанија во насока на тоа како треба да се креираат поефективни политики, во овој момент мислам на зајакнување на отпорноста, продуктивноста, како и на премостувањето на јазовите во структурните реформи, бидејќи тоа е она што треба да нѐ води кон зголемување на економскиот раст. Тие реформи треба да бидат насочени кон креирање на еден повисок степен на благосостојба, достоинствени услови за живот и за работа. Успеавме да го задржиме континуитетот на оваа Меѓународна конференција, она што ние го направивме како менаџмент е што успеавме да имаме дослух за сите оние атрактивни случувања, моментални трендови, како да одиме понатаму и да придонесеме за донесување подобри одлуки заедно со властите, креаторите на политиките, и да бидеме дел од тие процеси, бидејќи тоа нѐ засега нас. Особено сум горда на студентите, кои преку ваквите конференции, симпозиуми, панел-дебати кои ги правиме, успеваат да се вмрежуваат, да се вработуваат, бидејќи на крајот од денот, најбитно е креирањето на една колективна успешна визија помеѓу бизнис секторот, образованието, индустријата – изјави деканката, проф. д-р Татјана Бошков.

На Конференцијата беа презентирани научни трудови од професорите и од студентите на ФТБЛ.