Search

Почина Коста Балабанов – историчар на уметноста и промотор на идејата за Универзитетот „Гоце Делчев“

Споделете

На 6 февруари 2026 година почина Коста Балабанов (1929–2026), истакнат историчар на уметноста, конзерватор, филмски и телевизиски сценарист и долгогодишен почесен конзул на Јапонија во Македонија. Неговото научно и културно дело остави траен белег во македонската култура и историја. Тој објави повеќе од 200 стручни и научни трудови и 24 книги посветени на средновековната уметност, а во текот на својата кариера евидентирал над 18.000 икони во повеќе од 1.700 цркви и манастири, посетувајќи над 1.340 населени места во Македонија.

Покрај својот значаен придонес во областа на уметноста и конзервацијата, Балабанов активно учествуваше во граѓанската иницијатива за формирање на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Уште во почетокот на 21 век тој играше клучна улога во промовирањето на идејата за отворање на универзитет во Источна Македонија, вклучувајќи јавни презентации и активности кои ја афирмираа важноста на високото образование во регионот.

Балабанов работеше и на меѓународни проекти. Од 1994 година беше првиот почесен генерален конзул на Јапонија во Македонија и директор на Јапонскиот информативен центар во Скопје. Неговата соработка со „Вардар филм“ и МРТВ резултираше со 32 документарни филмови, често синхронизирани на странски јазици, кои ги промовираа археологијата и средновековната уметност на територијата на Македонија.

Придонесот на Коста Балабанов за науката, уметноста и високото образование останува значаен дел од наследството на Универзитетот „Гоце Делчев“, како и симбол на неговата посветеност за развој на образованието и културната свест во Источна Македонија.

Балабанов е роден на 5 април 1929 го Штип. Уште како студент, во 1952 година, почнал да работи во тогашниот Централен завод за заштита на спомениците на културата како помошник-препаратор. Од 1953 година работеше таму во својство на историчар на уметноста-конзерватор. Во 1955 година дипломира историја на уметноста со археологија на Филозофскиот факултет во Скопје. По дипломирањето продолжил да работи во Централниот, подоцна веќе Републичкиот завод за заштита на културните споменици и природните реткости на Македонија во Скопје, каде што се здобил со звањето приправник-конзерватор. Во 1956 година од Сојузниот завод за заштита на спомениците на културата во Белград бил испратен на специјализација во Виена, во Центарот за конзервација (Bundesdek – malamt).