На Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип денес се одржа предавање посветено на дигиталната култура и нејзиното влијание врз современото општество, во организација на Катедрата за македонски јазик и книжевност.
Предавањето се реализираше во амфитеатарот на Кампус 4, а пред присутните студенти и наставнички кадар говореше д-р Марина Мијатовиќ, која ја обработи темата „Дигиталната култура како нов облик на општествено однесување“. Таа се осврна на улогата на социјалните мрежи, културата на „лајкови“, влијанието на инфлуенсерите, како и на сè понејасната граница меѓу приватниот и јавниот простор во дигиталната ера.

Мијатовиќ во својата изјава истакна дека ѝ претставува чест што има можност да одржи предавање пред студентите во Штип, потенцирајќи ја важноста на темата во денешниот контекст и изразувајќи надеж за продлабочување на соработката во иднина.

Деканката на Филолошкиот факултет, проф. д-р Лиси Караниколова, нагласи дека настанот е дел од пошироката соработка со Институтот за српска култура Приштина -Лепосавиќ, со кој неодамна е потпишан Договор за соработка.

Од факултетот посочуваат дека ваквите предавања имаат за цел да понудат нови научни перспективи за влијанието на дигитализацијата врз општеството и да поттикнат академска размена и меѓународна соработка.


