Универзитетот „Гоце Делчев“ во соработка со Министерството за образование и наука го изработи првиот Водич за вештачка интелигенција (ВИ).
Во Министерството за образование и наука денес беше промовиран Водичот, документ кој има за цел да ја олесни примена на новите технологии во наставниот процес и да понуди насоки за нивна безбедна и етичка употреба.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, истакна дека воведувањето на вештачката интелигенција во училиштата е „сосема логичен и нужен чекор во процесот на дигитална трансформација на образованието“. Таа нагласи дека водичот е изработен на 120 страници и нуди широк преглед на историјата, концептите и најпознатите алатки за примена на вештачка интелигенција во различни наставни области – од математика и природни науки, до јазици, литература и општествени науки.
Голем дел од овој Водич е посветен на учениците. Во него се дадени практични насоки за тоа како да се препознаат и оценат алатките базирани на ВИ, како да се креираат образовни содржини на ефикасен и ефективен начин. Дадени се конкретни примери за употреба на алатките базирани на ВИ во наставните предмети од математика и природни науки, преку јазици и литература, па сѐ до општествени науки. Даден е и сеопфатен преглед на повеќе од 70-тина различни алатки кои може да се користат во образовен контекст.
Деканот на Факултетот за информатика при УГД, проф. д-р Сашо Коцески, потенцира дека темата е динамична и постојано се менува, па водичот треба редовно да се надополнува:
„Едукацијата е најдобра превенција. Најдобро е да се едуцираат децата, но и наставниците, затоа што тие веќе имаат пристап до вештачката интелигенција“.
„Водичот за вештачка интелигенција“ е изработен волонтерски, во рамките на Меморандум за соработка меѓу Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Министерството за образование и наука. Тој претставува популарно четиво, напишано на јазик разбирлив за поширока публика, но базирано на стратешки документи на Европската комисија и на повеќе од стотина релевантни научни трудови.
Документот содржи примери за користење на алатките базирани на вештачка интелигенција во наставата, практични насоки за учениците, преглед на повеќе од 70 различни алатки, како и прашања за рефлексија што им помагаат на читателите да размислат за пошироките импликации од новите технологии.
Со промоцијата започнува и процесот на обуки за наставниците, во кои прво ќе се вклучат средните училишта, во соработка со групацијата „Бреинстер“.