Одделението за меѓународна соработка и Еразмус плус канцеларијата на УГД организираше средба за добредојде на студентите кои учествуваат во Програмата за размена на студенти преку Еразмус плус. На оваа средба, на овие студенти им се обрати проректорката проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска, а презентација за можностите при престојот во Штип одржа Милкица Панева од Еразмус канцеларијата.

На студентите, покрај можноста да студираат на УГД, им беа понудени информации за тоа што можат да доживеат како искуство при престојот на УГД, не само со посета на знаменитости во Штип, туку и воопшто во Македонија, со можностите што ги нудат Охрид, Скопје, Маврово…
Покрај студентите кои од странски универзитети престојуваат на УГД, на средбата присуствуваа и студенти на УГД кои еден семестар поминале на некој од европските универзитети. За своето искуство говореше Кристина Гаштарова, студентка во четврта година на Економски факултет.
„Јас мојот Еразмус плус семестар го реализирав во Турција, во Истанбул, а искуството од студентска гледна точка беше одлично. Имав можност да видам како е да студираш на друг универзитет, поразлично од УГД. Секако тие имаат различна програма, почнувајќи од колоквиумите, предавањата, начинот на предавањата и баш сум среќна што можев да го искусам тоа како студент од Македонија. На сите студенти би им препорачала да ги искористат можностите на Еразмус плус програмата. Процесот на аплицирање е долг, да, но со добра мотивација секој студент може да успее. Искрено, мене првиот семестар, првиот обид, за жал, ми пропадна поради тоа што заглавив со документите, но на вториот обид успеав, поради тоа што веќе бев запознаена со процедурата, лесно ги обезбедив документите. Мора да кажам дека имав и голема помош од Еразмус канцеларијата на УГД.
Во суштина, кога сте на Еразмус размена, не е важен само делот од студирањето, многу е интересен и делот на запознавање на други култури и луѓе. Меѓу другото, тоа е можност и да се оформиш себеси како човек, живееш сам, за разлика од овде каде што најчесто сме со родителите, а таму си оставен сам на себе, имаш одреден буџет со кој си го буџетираш и планираш сам животот, си купуваш храна и слично. Покрај тоа запознаваш многу луѓе, а универзитетот ти нуди голем број пријатели, секој сака да ти помогне и, главно, тоа ни помага многу во развојот како личности“.
На Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип во моментов на обука и на студирање преку програмата Еразмус плус престојуваат 25 студенти од европски држави, најмногу од Италија, Шпанија, Полска и Турција.


