Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип денес официјално го започна четиридневниот Applied Blended Challenge (ABC) програма „CoActEU – Law, Policies and Practices for Sustainable Societies“, кој се реализира во рамки на ACE²-EU Европската универзитетска алијанса.
Програмата комбинира онлајн и настава со физичко присуство и се базира на предизвикувачки, практичен и интердисциплинарен пристап кон учењето. Главната цел е студентите, преку тимска работа и соработка со надворешни чинители, да развијат конкретни решенија за реални општествени предизвици, усогласени со приоритетите на Европската Унија за одржлив развој.
ABC програмата вклучува неколку часа онлајн настава, 25 часа настава со физичко присуство и 55 часа самостојна и групна работа.
Наставата со физичко присуство започна денес на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, со учество на студенти од партнерските универзитети во рамки на алијансата.
По успешното завршување на програмата, учесниците ќе се стекнат со 3 ЕКТС кредити и сертификат за учество.
Носител и домаќин на програмата е Универзитетот „Гоце Делчев“, во соработка со Универзитетот „Constantin Brâncusi“ од Романија, како и со надворешниот чинител – Општина Штип. Во реализацијата учествуваат професори и експерти од двете институции, како и претставници на локалната самоуправа и граѓанскиот сектор.
Програмата е наменета за студенти од различни области, меѓу кои право, политички науки, економија, животна средина, социологија, етика, образование и европски политики.
Во последниот ден од оваа програма, студентите од сите универзитети ќе се обидат, во рамките на активностите, да креираат решенија за најголемите предизвици со кои се соочуваат стејкхолдерите на УГД, а тоа се Општина Штип и Стопанската комора на Македонија.
Со оваа програма, Универзитетот „Гоце Делчев“ уште еднаш ја потврдува својата заложба за интернационализација, иновативно образование и активно вклучување на младите во креирање одржливи општествени решенија.


