Парламентарниот караван, иницијатива на Собрание на Република Северна Македонија, годинава започна со својата реализација од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

На Правниот факултет пратениците Благој Бочварски и Душко Иванов, со студентите и младите, споделија мислења за актуелните прашања, како и за функционирањето на Парламентот.

Целта на Парламентарниот караван е да се доближи работата на законодавниот дом до граѓаните, особено до младите и студентите, преку директна комуникација и запознавање со неговите надлежности.

– Денес на Правниот факултет имаме настан, иницијатива насловена Парламентарен караван. Гости на Факултетот се парламентарни претставници, кои пред студентите го претставуваат начинот на работење на Собранието, а тоа го прават со вклучување во директна комуникација со студентите, одговарајќи на нивните прашања. Фактот што сме избрани за домаќини на овој настан е голема потврда за придонесот што го прави академската заедница кон поттикнување на младинското учество и креирање на критичката мисла кај младите – истакна деканката на Правен факултет, проф. д-р Билјана Тодорова.


