Универзитетот „Гоце Делчев“ е дел од нов успешен европски проект, реализиран преку Алијансата ACE²-EU, која за само 10 месеци од своето формирање веќе бележи значајни резултати.
Во партнерство со Универзитетот „Константин Бранкуши“ во Тргу Жиу (Романија) – носител на проектот, Литванскиот инженерски колеџ (Литванија) и Институтот Политехнико де Сантaрем (Португалија), УГД успеа да обезбеди финансирање преку програмата Еразмус+ KA220-HED, во рамки на Повикот од март 2025 година.
Проектот со наслов „Talent Inflow 4 Digital Minds (TI4DM)“ е вреден 400.000 евра и има за цел унапредување на дигиталната писменост и вработливоста на студентите и вработените преку иновација, инклузија и соработка.
Овој успех претставува прв заеднички проект надвор од основните активности на алијансата, кој официјално е одобрен од Националната агенција на Романија и е вклучен во листата на финансирани иницијативи.
Со ова, ACE²-EU Алијансата уште еднаш ја потврдува својата мисија – дека преку заедничка работа и визија може да се создадат одржливи партнерства во високото образование и да се постигне реален импакт во академската заедница.